Петок, 28 февруари 2014 година
ОБРАЌАЊЕ НА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЈАКИМОВСКА НА ОТВОРАЊЕТО НА 51. МАВРОВСКИ МЕМОРИЈАЛ
Почитувани пратеници од Собранието на Република Македонија,
Почитуван градоначалник на општина Маврово и Ростуше,
Почитувани ветерани на скијањето,
натпреварувачи, спортски работници и љубители на спортот,
Ми претставува особена чест и задоволство да бидам овде, на стартот на 51. Мавровски меморијал и заедно да придонесеме кон продолжување на долгогодишната традиција на оваа спортска манифестација, која низ годините бележи успеси и добива значајни признанија.
Задоволството е дотолку поголемо имајќи предвид дека токму Мавровскиот меморијал е еден од неколкуте најважни купови, од овој тип, во Европа, со особен придонес за промоција и афирмација на нашата држава, Република Македонија.
Ме радува фактот што во знак на добро организираните досегашни натпревари, од балкански - регионален куп, Мавровскиот меморијал прерасна во континентален - европски куп со признание од Интернационалната скијачка федерација (ФИС) и што токму нашиот куп се вбројува во еден од најзначајните во Европа од овој тип
По 51. пат се остваруваат желбите и соништата на генерациите од далечната 1957 година, кои го организираа првиот меморијал - натпревар во нордиско скијање.
Почитувани,
Натпреварот се одржува во чест на загинатите 38 градители на електросистемот Мавровска хидроцентрала и 14 храбри граничари кои загинаа од снежната лавина во 1956 година, кои се вистинскиот стожер кој ја краси нашата денешница. Денеска оддаваме почит и се сеќаваме на сите нив.
Се потсетуваме на младите градители од акцијата „Маврово - 48" кои со искрена волја и желба, како што ќе речат, без доволно машини, ја градеа иднината на нашата земја, на идните генерации.
Визијата и ентузијазмот на младите градители прераснува во цел и стремеж за секој од нас, денес, уште поангажирано да работиме и да градиме за идните генерации.
Традицијата оди рака под рака со искрен и посветен анганжман, со силна волја и залагање. Сите овие параметри несомнено ги поврзува токму Мавровскиот меморијал. Оттука, навистина ми претставува задоволство што во изминативе години се вложуваат големи напори за овој Меморијал да стане еден од најдобро организираните натпревари не само на Балканот, туку и пошироко, напори за да се најдеме меѓу европската и светската елита на натпревари.
Го велам ова, особено заради фактот што спортот не е ограничен на една сфера или на една генерација, напротив, успехот на поединецот, успехот на тимот значат успех и афирмација на држава, поттик за дополнително себеунапредување и вложување. Спортистите секојдневно нe потсетуваат дека зад секој спортист стојат часови тренинг, посветено семејство, доверба од тренерот, инвестиции од одговорните, с? во насока на промоција на сопствената држава, давање пример вреден за следење.
Водени токму од оваа мисла, Република Македонија, преку Агенцијата за млади и спорт, Олимпискиот комитет и Скијачката федерација усвои Стратегија и Програма за развој на спортот 2013-2017, со цел да ги мотивира своите спортисти кон победа, лична и наша, зашто, победата на спортистот значи дека спортистот е подготвен да работи понапорно, да се посвети повеќе и да даде повеќе од другите на теренот.
Во време исполнето со динамика сите треба барем за момент да се свртиме кон спортот, рекреативно и за лично задоволство, но и да оддадеме признание на врвните, да работиме за оние кои доаѓаат на спортската сцена, да бидат што побројни и што поуспешни.
Во светот има луѓе кои веруваат и луѓе кои се сомневаат во спортистите, на вторите, би им порачала дека никогаш не смеат да се сомневаат во поривот на срцето на шампионите. На сите учесници и гости во Маврово им посакувам пријатен спортски престој и убави впечатоци од Мавровскиот меморијал. Дозволете ми да го прогласам 51. Мавровски меморијал за отворен.
Ви благодарам.