Активности

Среда, 21 јуни 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери по повод заштита на Охридскиот регион 

Почитувани граѓани,

Ми претставува особено задовoлство што денеска во Собранието на Република Македонија се одржува настан поврзан со иницијатива од граѓанскиот сектор за заштита на Охридскиот регион како единствен регион во Република Македонија заштитен од УНЕСКО.  

Денес, уште еднаш потврдуваме дека Собранието вистински се отвора кон граѓаните,  кон невладиниот сектор и медиумите. Со тоа што ги отворивме седниците на Собранието за граѓаните, го олеснивме пристапот на граѓаните до пратениците во рамките на зградата на Собранието. Ќе се заложуваме и за поголема и попристапна соработка со невладиниот сектор во целина. 

И токму затоа, преку овој настан, на денот на Охридското Езеро, овозможуваме да се види и слушне за иницијативата на Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“, иницијатива за  заштита на Охридскиот регион како единствен регион кај нас кој е под капата на УНЕСКО.

Почитувани,

Заштитата на човековата средина е еден од најголемите предизвици на дваесет и првиот век. Оваа значајна граѓанска активност е само една алка во синџирот на активности во областа на екологијата и ја отсликува девизата „Мисли глобално, делувај локално“. Верувам дека оваа иницијатива ќе наиде на уште поширока поддршка од граѓаните и ќе придонесе во менувањето на нашата свест кон човековата средина, односот кон нашиот езерски бисер како светско природно наследство и богатство на Република Македонија како и подигнување на еколошката свест.Ме радува фактот дека оваа иницијатива ја поддржуваат пратеници од повеќе парламентарни партии кои формираа неформална група на пратеници наречена „Пријатели на УНЕСКО“. 

Во оваа прилика би сакал да ја поздравам вклученоста на меѓународните партнери а особено Националниот демократски институт, кои даваат значаен придонес за реализација на активностите поврзани со оваа иницијатива. 

Ви посакувам понатамошни успеси во остварувањето на вашите иницијативи и цели поврзани со заштитата на животната средина. 

На крајот, би сакал и во оваа пригода, уште еднаш да го повторам мојот став и уверување дека ќе се заложам за враќање на институционалниот интегритет на Собранието во уставниот систем на Република Македонија, како законодавен орган избран од граѓаните, а преку тоа и зајакнување на довербата на граѓаните во оваа институција. 

Ви благодарам.