Активности

Вторник, 21 април 2015 година, Рим 

Обраќање на претседателот Вељаноски на тема: „Јакнење на политичкиот дијалог“

Дами и господа,
Драги пријатели,

Политичкиот дијалог, меѓу другите нешта, е еден од основните принципи врз кои е создадена Европската Унија. Истовремено, овие нешта, како цивилизациски придобивки се издигнуваат на ниво на задолжителни демократски стандарди за сите држави во светот. Западниот Балкан, кој неспорно е дел од Европа забрзано ги усвојува овие европски цивилизациски придобивки. Периодот кога со оружје, а не со збор ги решававме проблемите на Балканот е дел од нашето темно минато. Одбравме да работиме за да го оствариме она кое природно ни припаѓа – а, тоа е заедницата со европските народи и држави.
Сепак, мораме да ги решаваме преостанатите отворени прашања. Сè уште постојат работи кои нè оптоваруваат. Идејата за Обединета Европа и примерот на западноевропските држави, треба да бидат нашата водилка. Резултатите од оваа добрососедска политика на западно европските држави, исто така ги гледаме. Просперитетот, заедничките интереси, довербата и мирот мора целосно да завладеат и во сите држави од Балканот. Тоа е наш, но и европски интерес.

Почитувани пријатели,
Во Република Македонија, најсоодветниот пример за еден успешен политички дијалог е Охридскиот рамковен договор. Овој документ е резултат на соработката помеѓу политичките претставници на македонската и на албанската етничка заедница, договорен со помош на меѓународната заедница. Неговата имплементација која е процес и кој сè уште трае е исто така резултат на дијалог кој се води пред се во Собранието.
Вакви и слични позитивни примери на политички дијалог кој по правило се водел во институциите, а пред сè во парламентот има повеќе. Меѓутоа, за жал од јуни минатата година после завршувањето на парламентарните избори, политичкиот дијалог помеѓу парламентарното мнозинство и опозицијата е сведен на минимум. Парламентарното мнозинство неколку пати и со помош на нашите европски пријатели повика да се разговара за сите барања и предлози на опозицијата, но тој дијалог треба да се одвива во парламентот односно во институциите. Во овој период со помош на олеснувачи од европскиот парламент течат разговори помеѓу двете страни и јас верувам дека политичките лидери и од мнозинството и опозицијата ќе покажат одговорност кон граѓаните и ќе се најде вистинското решение.

Дами и господа,
Одговорноста за сегашната политичка состојба во Република Македонија во најголема мера е на домашната политичка елита. Не сакам да бидам разбран погрешно, но апсолутен факт е дека долгогодишната блокада на нашите евроатлански интеграции има негативни импликации врз целокупната политичка состојба во Република Македонија.
Морам да истакнам дека Македонија токму преку дијалог денес има високо развиени односи со сите држави во регионот, иако меѓу нас имаше многу отворени прашања. Меѓутоа, како што реков, засега многу тешко ни оди воспоставување на дијалог со нашиот јужен сосед.

Дами и господа,
Искрено сум убеден дека политичкиот дијалог како вредност и како алатка за решавање на сите отворени прашања сè повеќе продира во свеста кај политичките елити, но и кај сите општествени субјекти кои имаат влијание врз креирањето на конкретни политики.
Мораме да се соочуваме, сите ние, со новите околности што произлегуваат од развојот на нашата меѓузависност. Мораме уште повеќе да соработуваме и да градиме стратегии како демократијата и граѓаните на Европа да излезат уште посилни од овие бури и ветришта.
Јас верувам во овој наш капацитет.
Верувам во искреноста на нашите намери, како што верувам и во силината на нашата желба за уште поголема соработка, дијалог и разбирање помеѓу граѓаните на Европа независно од нашите политички, етнички, верски или други разлики.

Ви благодарам за вниманието.

Click