Активности

Четврток, 27 август 2015 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ГО ПРИМИ НОВОИМЕНУВАНИОТ АМБАСАДОР НА РЕПУБЛИКА ХРВАТСКА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Г-ЃА ДАНИЈЕЛА БАРИШИЌ

Претседателот Вељаноски денеска оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија, г-ѓа Данијела Баришиќ, при што на почетокот од средбата, двајцата соговорници изразија убедување дека досегашната успешна соработка и понатаму ќе продолжи преку остварување на нови заеднички проекти. 

Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија и Република Хрватска имаат одлична билатерална соработка и дека Собранието на Република Македонија и хрватскиот Сабор имаат плодна соработка на сите нивоа, со можност во иднина да се зголеми интензитетот на остварени средби, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на пратенички групи за соработка и на парламентарни комисии.

Двајцата соговорници се согласија дека е потребно да се интензивира економската соработка што претставува предизвик за амбасадорот во следните години на мандатот во Република Македонија. 

На средбата се разговараше и за моменталната политичка ситуација во Република Македонија, како и за тековната работа на Собранието. Исто така, стана збор и за предизвиците со кои се соочува нашата држава во однос на евроинтеграциите, при што г-ѓа Баришиќ истакна дека Република Хрватска секогаш ја потенцира потребата за што поскоро приклучување на Република Македонија во Европската унија.

Соговорниците се согласија дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на регионот и Европа во целина. 

На крајот, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието на Република Македонија за соработка и континуирана комуникација со Амбасадата на Република Хрватска за сите прашања од заеднички интерес. 

Click