Активности

Вторник, 2 септември 2014 година

Средба на пратеничката Силвана Бонева со г. Торстен Фрај

Пратеничката Силвана Бонева, денеска, оствари средба со г. Торстен Фрај, член на Пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ при германскиот Бундестаг и член на комисиите за надворешна политика и Европска унија, како и известувач на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ за Република Македонија.

Во поздравното обраќање, г-ѓа Бонева ја поздрави посетата на г. Фрај како претставник на германскиот Бундестаг, којашто следува непосредно по завршувањето на Првата конференција со лидерите на земјите од Западен Балкан која се одржа во Берлин под заткрила на германската канцеларка Меркел. 

Интересот на германскиот Бундестаг и зајакнатиот интерес на канцеларката Меркел за евроатлантските интеграции на Република Македонија  и останатите земји од Западен Балкан е од исклучително значење и праќа силна порака дека регионот и оваа земја не се запоставени на ЕУ агендата. Тоа се потврдува и со фактот што конференцијата од овој вид ќе продолжи да се организира и во следните  4 години, во кој период следува и силна финансиска поддршка од страна на ЕУ во поглед на инфраструктурните проекти. 

Пратеничката исто така истакна, дека наметнатиот спор со името создава кочници на патот на Република Македонија кон ЕУ и НАТО и за жал го подгрева евроскептицизмот кај граѓаните и создава можност за развивање на радикални структури во државата и регионот. Токму затоа очекуваме во најскоро можно време отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и паралален процес за решавање на спорот со името со што ќе се потврди дека Република  Македонија оди во вистински правец и ја гледа својата иднина како дел од европското семејство. 

„Граѓаните на Република Македонија веруваат во европската правда и очекуваат да се почитува Пресудата на Меѓународниот суд во Хаг со која се потврдува обврската на Република Грција да не го попречува интегрирањето на Република Македонија во евро-атлантските структури“ -  додаде пратеничката Бонева. 

Господинот Торстен Фрај ја изрази поддршката на германскиот Бундестаг за евроатлантските напори на земјата и истакна несомнено дека Република Македонија треба да биде дел од НАТО и ЕУ во најскоро време, бидејќи ги исполнува критериумите за членство, но треба да продолжи да ги спроведува неопходните реформски процеси. 

Click