Активности

Среда, 10 мај 2017 година

Средба на претседателот Џафери со албанскиот амбасадор Фатос Река

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денес оствари официјална средба со амбасадорот на Република Албанија во Република Македонија, г. Фатос Река, кој му го честиташе изборот на функцијата претседател на Собранието, како многу важен чекор во стабилизацијата на политичките состојби во Република Македонија. 

Амбасадорот Река ја подвлече неопходноста од задржување на континуитетот на добрите и пријателски односи на двете држави во иднина, за што верува дека ќе биде задржан позитивниот тренд на добрососедските односи, а воедно ја реафирмираше силната поддршка на евратлантската интеграција на Република Македонија, за која Република Албанија, како земја-членка на НАТО, ќе продолжи и понатаму да ја пружа на Република Македонија. 

На внатрешен план, Република Албанија и натаму ќе посветува особено внимание на планот на државната политика на обезбедување на уставни и законски гаранции за статусот на македонското и на сите други малцинства во Република Албанија. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Џафери, изрази уверување дека континуитетот на пријателските меѓудржавни односи и натаму ќе продолжат со интензивно темпо, а особено се заблагодари на поддршката за НАТО-интеграцијата на Република Македонија, поддршка која доаѓа од држава непосреден сосед, што во овој сензитивен период за целиот регион високо се почитува и е повеќе од добредојдена. 

Двајцата соговорници споделија заемни уверувања дека во овој регион успешни може да бидат само конфронтациите на конструктивни политички концепти, додека сите други идеи за меѓудржавни, меѓуетнички и меѓунационални конфликти однапред се „осудени“ како неуспешни проекти.

Беа разменети мислења и за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше констатирано дека стабилноста во Република Македонија е важен сегмент од севкупната стабилност на регионот на Западен Балкан, стабилност која произведува позитивен моментум во европската интеграција на сите земји од овој регион.