Активности

Вторник, 23 мај 2017 година

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. амбасадорката на Народна Република Кина, г-ѓа Јин Лишиан

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари официјална средба со амбасадорката на Народна Република Кина во Република Македонија, г-ѓа Јин Лишиан. На почетокот од средбата амбасадорката му го честиташе изборот на функцијата претседател на Собранието и му врачи официјална честитка од претседателот на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес, г. Џанг Дежианг по тој повод. 

Амбасадорката ја подвлече натамошната поготвеност на НР Кина, која географски е многу далеку, но во меѓусебните односи многу блиску, потесно да соработува со Република Македонија на билатерален план, особено меѓу парламентите на двете држави. Изрази очекување дека г. Талат Џафери, како новоизбран претседател на Собранието, ќе ги вложи своите човечки и професионални  капацитети и ќе даде силен придонес во зајкнување и продлабочување на извонредните билатерални односи меѓу двете пријателски земји и нивните граѓани. 

Господинот Џафери, искрено заблагодаруваќи се на честитките, ја запозна амбасадорката со актуелните случувања на планот на формирањето на новата влада, по што ќе следи формирање на работните тела на Собранието, делегациите и пратеничките групи за соработка со парламенти на одделни држави. 

Истовремено, ја информираше амбасадорката дека Собранието на Република Македонија, во неколку последователни мандати, формира Пратеничка група за соработка со парламентот на НР Кина, со што ја покажува својата посветеност и интерес за негување, зајакнување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски. 

Тој ја подвлече подготвеноста за потесна соработка со својот колега од Секинескиот народен конгрес во блиска иднина, бидејќи е уверен дека парламентарната дипломатија има голем потенцијал и значително влијание врз севкупните билатерални односи меѓу двете држави. 

Соговорниците разговараа и за очекувањата дека новата влада ќе продолжи по патот на долгогодишната соработка со НР  Кина, особено во однос на веќе започнатите проекти во инфраструктурата и во образовниот процес, како и во контекст на иницијативата на кинескиот претседател Ши Џинпинг за обнова на „Патот на свилата“, односно проектот 16+1, кој се однесува на земјите од Централна и Источна Европа од една страна и НР Кина, од друга страна. 

Овој мега-проект ја вклучува и Република Македонија и неговата реализација ќе претставува силен импулс на севкупниот општествен, економски, инфраструктурен и бизнис развој на сите земји учеснички. 

Изразувајќи поддршка на натамошната поблиска и поинтензивна меѓупарламентарна соработка, соговорниците се согласија дека воспоставените пријателски односи треба да се негуваат со силна посветеност и меѓусебна доверба. 

Click