ЕУ вести

Четврток, 5 ноември 2015 година

Арапскиот блогер Бадави награден за слобода на мислата

Европскиот парламент ја додели овогодинешната награда „Сахаров“ за слобода на мислата на Раиф Бадави, блогер и активист за човекови права од Саудиска Арабија, кој беше уапсен во 2012 година, а подоцна и осуден на 10 години затвор, 1.000 удари со камшик и висока парична казна за навреда на исламските вредности на неговата интернет-страница „Слободни саудиски либерали“, на која промовира социјална, политичка и верска дебата.  

„На овој човек, кој е исклучително добар и примерен, му беше наметната една од најужасните казни кои постојат во оваа земја, којашто единствено може да се опише како брутална тортура. Го повикувам кралот на Саудиска Арабија за да го запре извршувањето на оваа казна, да го ослободи г. Бадави, да му дозволи да се врати кај својата сопруга и да им се овозможи да допатуваат тука за седницата во декември за да ја добие оваа награда“, истакна претседателот на Европарламентот, г. Мартин Шулц, при објавувањето на победникот. 

Уште на почетокот од оваа година, европскиот законодавен дом усвои Резолуција во која го осудува камшикувањето на Бадави, нарекувајќи го суров и шокантен чин и упати апел до властите во Саудиска Арабија итно и безусловно да го ослободат затоа што е осуден само затоа што го остварил своето право на слобода на изразување.

Финалисти за наградата, покрај победникот Раиф Бадави, беа уште групата политички затвореници од Венецуела, познати како демократска опозиција и Русинот Борис Немцов, поранешен потпретседател на Владата и опозициски политичар, кој беше убиен во Москва во февруари годинава.

Церемонијата на доделување на овогодинешната награда „Сахаров“ ќе се одржи на 16 декември во Стразбур.

Инаку, наградата „Сахаров“ за слобода на мислата традиционално се доделува на годишно ниво од страна на Европскиот парламент, уште од 1988 година, а во чест на поединци и организации кои застануваат во одбрана на човековите права и основни слободи. 

Click