ЕУ вести

Среда, 15 октомври 2014 година

Договор за партнерство меѓу Европската комисија и УЕФА 

Претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо; еврокомесарот за спорт, г-ѓа Андрула Василиу и претседателот на УЕФА, г. Мишел Платини, потпишаа тригодишен Договор за партнерство меѓу Европската комисија и УЕФА (Унија на европски фудбалски асоцијации). 

Договорот значи континуирана работа на прашања од заеднички интерес, како: интегритетот на спортот, почитување на човековите права и достоинство, недискриминација и солидарност.

Целта е зајакнување на позитивниот имиџ на европскиот спорт, особено фудбалот, интензивирање на борбата за заштита на етиката во спортот и надминување на дискриминацијата, местењето натпревари, корупцијата, насилството, допингот, расизмот.  

Со Договорот, УЕФА се обврза активно да придонесе и кон Европската недела на спортот, која за прв пат ќе се одржи во септември 2015 година. 

Спортот, како дел од културата на Стариот континент, обединува милиони граѓани, без оглед на нивното потекло и игра важна улога во општеството, посебно во образованието, социјалната интеграција и јавното здравство. Исто така, современиот спорт е битен дел од економијата, што придонесува кон раст и создавање работни места во Европа. 

Click