ЕУ вести

Понеделник, 26 октомври 2015 година

Европарламентот со седница во Стразбур

Од 26 до 29 октомври, Европскиот парламент одржува пленарна седница во Стразбур, на која, меѓу другото, ќе се одржи дебата со претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер, во врска со приливот на бегалци од западнобалканската рута, соработката со Турција и разговорите со земјите од Африка.

Во фокусот на разговорите ќе бидат заклучоците од состанокот на Европскиот совет од 15 октомври, вчерашната лидерска средба за рутата на Западен Балкан и претстојниот самит во Валета на 11 и 12 ноември.

Исто така, европратениците заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, г-ѓа Федерика Могерини, ќе дебатираат за растечките тензии меѓу Израелците и Палестинците.

На дневен ред ќе се најдат и новите правила за заштита на резервациите на туристичките аранжмани преку интернет, беспилотните летала, како и ставањето крај на роамингот. Ќе се расправа и за ГМО, за квалитетот на воздухот и клучните загадувачи. 

Дел од агендата ќе бидат и реформите на ЕУ изборниот закон и Буџетот на ЕУ за 2016 година, а Еврокомисијата ќе ја презентира својата програма за работа за идната година.

Click