ЕУ вести

Среда, 22 јануари 2014 година

Изгласана Предлог-резолуцијата за Македонија

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, со 48 гласа „за“, 4 „против“ и 6 „воздржани“, вчера ја изгласа Предлог-резолуцијата за Република Македонија, изготвена од известувачот Ричард Ховит, во однос на последниот Прогрес-извештај на Европската комисија.

Европарламентот повторно бара од Европскиот совет, без одложување, да одреди датум за почеток на преговори.

Се упатува апел да се искористи претседавањето на Грција со Советот на ЕУ за дополнителен импулс во решавањето на спорот за името. Се бараат и поконкретни резултати во добрососедските односи на релација меѓу Скопје, Атина и Софија.

Исто така, се споменува двојазично образование на незадолжителна основа, а се осудуваат и сите видови на ултранационализам во која било земја-кандидат.

Во Предлог-резолуцијата се потенцира дека само доколку бидат исполнети сите услови, ќе бидат примени нови земји-членки на Унијата.

Европскиот законодавен дом ќе дискутира по Предлог-резолуцијата на пленарната седница на 5 февруари во Стразбур, а по истата ќе се гласа ден подоцна.

Click