Собраниско раководство

Четврток, 6 март 2014 година

ИЗЈАВА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ПО ПОВОД РАСПИШУВАЊЕто НА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ЗА ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,

Сакам да ве известам дека согласно уставните одредби и согласно роковите утврдени во Изборниот законик, како претседател на Собранието на Република Македонија, имам обврска по распуштањето на Собранието да распишам предвремени избори за пратеници.

Во однос на роковите, уставната одредба предвидува дека предвремени избори за пратеници се одржуваат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието.

Денеска го потпишав Решението за распишување на предвремени избори за пратениците во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат на 27 април 2014 година, односно на истиот ден со вториот круг на изборот за претседател на Република Македонија, доколку претседателот не биде избран во првиот круг, на 13 април.

Решението за распишување на изборот ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда.

Како и минатиот пат, и денеска сакам да потенцирам дека пред нас е изборен процес во кој изборните правила се прифатени со согласност и на власта и на опозицијата, што претставува дополнителна одговорност и за едните и за другите и обврска истите да бидат почитувани и практикувани во текот на целиот процес.

Уште еднаш сакам да ги повикам сите учесници во процесот за избор на претседател на Република Македонија и за изборот на пратеници, да постапуваат исклучиво во согласност со уставните и законските одредби, да придонесат кон создавање мирна и демократска атмосфера, во која секој граѓанин ќе може достоинствено да го оствари своето право на глас по свое лично убедување.              

Ви благодарам.
Click