Собраниско раководство

Петок, 12 септември 2014 година, Осло

Обраќање на претседателот Вељаноски на тема: Мнозинство и опозиција – постигнување баланс во демократијата

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Дами и господа,

Ако земеме во предвид дека демократијата е политички систем кој се темели на можноста граѓаните да ги бираат своите претставници и дека токму правото на бирање претставници е основен и суштински концепт на демократијата, таа мора да подразбира постоење на соодветна рамнотежа меѓу мнозинството, како победник на изборниот процес и опозицијата од друга страна како соодветна противтежа на власта и како субјект за кој се одлучиле помал број на гласачи, чија одлука и волја мора да се почитуваат и уважуваат.

Опозицијата е неопходност во едно демократско општество.

Литературата и компаративната анализа покажуваат дека може да стане збор за неколку вида и форми на опозиција, се во зависност од концептот односно од природата и начинот на функционирање на политичкиот систем. Но без оглед за која форма на опозиција станува збор или како опозицијата се дефинира, едно е заедничко, таа не припаѓа на парламентарното мнозинство или владината коалиција и ги искажува своите несогласувања и критички ставови во врска со активностите на владата со која треба да е во постојан натпревар.

Постоењето на опозицијата само по себе не е доволно за постоење на политички дијалог, потребно е да постои политичка волја, но пред се капацитет и способност да се игра улогата на ефективна и квалитетна опозиција.

За да стане збор за вистинска опозиција, а од таму и за неопходност од постоење на соодветна рамнотежа со мнозинството, потребно е опозицијата да поседува и покаже способност да учествува ефективно и одговорно во политичкиот процес. Во спротивно се доаѓа, би рекол, до една контрадикторност, односно се губи смислата од постоење на таквата опозиција, а потребата од неа и понатаму стои.

Опозицијата има сериозна улога во системот, ако земеме дека таа не е способна да се носи со истата, тогаш кој ќе биде корективот на власта? Кој ќе ги остварува целите кои таа треба да ги исполни?

Можеби давам малку поспецифичен тон на темава, но дозволете да потенцирам дека Република Македонија е млада демократија, минатата недела прославивме 23 години независност, но во тие 23 години се работеше напорно и посветено најдобрите примери и практики од постари, искусни и демократски докажани држави да се преземат, имплементираат и практикуваат. И верувајте се успеа во тоа. Во интерес на времето, ќе се задржам само на делот кој се однесува на опозицијата. Работењето на Собранието на Република Македонија е уредено со Закон за Собранието и Деловник, чии одредби не го фаворизираат ниту владејачкото мнозинство, ниту опозицијата, туку ја обезбедувааат рамноправноста и одговорноста на секој пратеник во целокупниот процес на донесување на закони, односно во сите активности на Парламентот.

Би споменал само дел од практичните решенија кои го докажуваат кажаното. Еден од тројцата потпретседатели на Собранието се избира по предлог и од редовите на опозицијата. Неколку значајни и специфични собраниски тела за претседател имаат пратеник токму од опозицијата. Секој месец на седницата за поставување пратенички прашања до Владата пратениците на опозицијата имаат право да постават двојно повеќе прашања од парламентарното мнозинство. Пратениците од опозицијата учествуваат на сите координативни средби и средби на Претседателство на кои се договара динамиката на работата на Собранието и се носат одлуки за негово функционирање. 

Со донесувањето на Законот за Собранието, дополнително се зајакнаа правата и обврските на сите пратеници. Токму со овој закон се зајакна надзорната функција на Парламентот врз извршната власт, се доби можност секоја собраниска комисија да може да организира надзорна расправа за конкретна тема, односно за примената на одреден закон.

Сите овие и уште многу други мерки и практики се воведени и се токму во насока на уважување на потребата од постоење на опозиција и постоење на баланс меѓу опозицијата и мнозинството. Меѓутоа, како што веќе споменав не е доволно само да се има опозиција, некогаш не се доволни ниту добро поставени и избалансирани услови за нејзино функционирање и делување, потребна е и политичка одговорност и зрелост. Потребна е способност на опозицијата да понуди политички алтернативи преку развивање на сопствени програми и предлагање алтернативни решенија за одлуките на владата и претставници на мнозинството. Потребно е постојано да ги промовира интересите на своите гласачи и активно да се залага за стабилност, легитимитет, одговорност и транспарентност на политичкиот процес. Во демократско општество, опозицијата треба да претставува можност за политички промени преку демократски средства и активно да даде свој придонес во политичкиот плурализам.

Благодарам на вниманието. 

Click