Собраниско раководство

Четврток, 11 септември 2014 година, Осло

Обраќање на претседателот Вељаноски на тема: Основни уставни права и слободи – учество, доверба и јавна дебата како услови за демократија

Почитувани колеги,
Дами и господа,
Екселенции,

Дозволете ми, најпрво да изразам благодарност до претседателот на Стортинг на Норвешка, г. Олемик Томесен, за организацијата на Европската конференција на претседатели на парламенти и за гостопримството на кое наидовме во Осло.

Ме радува фактот што токму оваа тема е дел од оваа Европска конференција, особено имајќи ги предвид предизвиците пред кои се наоѓа модерното демократско општество, економската криза и социјалните превирања, актуелни последните неколку години.  

Дозволете да потенцирам дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се токму основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени во Уставот, не само декларативно наброени, туку и уставно гарантирани и заштитени.  

Така уставно втемелени, основните слободи и права се заштитени од можност со закон или друг акт на кој било начин да бидат ограничени, односно дадено им е местото кое го заслужуваат. Во таа смисла, Уставот е тој кој предвидува правна заштита, постапка пред судовите, како и постапка пред Уставниот суд. 

Лично, сметам дека на основните слободи и права на граѓанинот, како еден од основите на демократскиот систем, треба постојано да се работи, да се надградува нивната заштита, да се изнаоѓаат нови или да се прифаќаат и имплементираат веќе проверени и остварливи начини. Во таа смисла, по примерот на дел од европските држави (Германија, Шпанија, Австрија, Словенија...), а со цел поголема заштита на правата и слободите на граѓаните во Република Македонија, во тек е постапка за воведување на институтот Уставна жалба во Уставот. Како што веќе реков, целта на овој институт е да се зајакне заштитата на човековите права и слободи дефинирани во Уставот.

Со оваа иницијатива се предлага воведување на надлежност на Уставниот суд да одлучува по уставна жалба, изјавена против поединечни акти или дејствија на државните органи со кои се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, а кои се однесуваат на: дискриминацијата, правото на живот, тортура, правото на слобода на човекот, пресумпцијата на невиност и фер судење, слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот и вероисповед, јавниот настап и информирање. Како народни избраници и претставници, треба да сме свесни и будни за реалните ризици и закани за демократијата, но и да сме умешни во изнаоѓање на соодветни одговори и решенија за нив.

Особено внимание заслужува довербата на граѓаните, со посебен акцент на младите, во институциите и системот. Преку демократски елементи на соодветна интеракција, преку соодветни форми и начин за нивно вклучување во процесот на донесување на одлуки. Сведоци сме дека е потребно подигање на јавната свест за потребата од активно вклучување во општествените процеси, подигање на свест дека граѓанинот од системот нема само обврски, туку и право да учествува во креирањето на истиот.

Во Република Македонија во континуитет се работи токму во насоката која го подразбира кажаното. Во работењето на Собранието пред 5 години воведовме модерен електронски систем, Е-Парламент, кој целокупниот законодавен процес го прави максимално достапен за граѓаните. Секој граѓанин може да го следи донесувањето на секој поединечен акт во Собранието, но и да учествува со свое видување, да се вклучи во процесот на начинот што тој ќе го избере. Се отворија канцеларии наменети за контакт на пратениците со граѓаните, се искористија можностите на интернет комуникацијата, се направија законски измени и дополнувања во насока на унапредување на јавната дебата, јавната дискусија во однос на законски решенија од поширок јавен интерес.  

Треба посветено да му пристапиме на фактот дека демократијата, како форма на општество, е повеќе од збир на индивидуални слободи и права, повеќе од делегирање и носење на одлуки.

Мора постојано и посветено да се работи на јакнење на нивната доверба и заинтересираност за учество во јавната дебата и вклучување во процесите кои ќе придонесат за поуспешно функционирање на демократијата како систем.

Благодарам на вниманието.

Click