Собраниско раководство

Сабота, 5 декември 2015 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод ставањето камен-темелник на храмот посветен на Преображението Господово во населбата Даме Груев, општина Ѓорче Петров

Почитуван г. Митровски,
Почитуван г.г. Стефан,
Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Ми преставува особена чест и задоволство, што денес, заедно со моите пријатели, соседи и познаници сум дел од овој свет чин за населбата Даме Груев, за општината Ѓорче Петров, но и за Скопје и цела Македонија.

За мене претставува посебна привилегија што една исклучително благородна идеја која е резултат на длабоките духовни потреби на моите сограѓани конечно започнува да се реализира.

Храмот посветен на Преображението Господово започнува да се гради.
Започнува да се гради нешто што веќе го имаме во нашите срца.
Започнува да се гради здание кое ќе нè поттикнува многу повеќе да се навраќаме на вечните вистини на нашето свето православно христијанство.
Започнува да се гради и знам дека во најскоро време ќе се издигне кон небото, Црквата која треба да го симболизира единството на народот кој ревносно му се моли на Бога.
Овој храм, како и сите наши храмови на земјата, ќе преставува вистинско архитектонско дело кое ќе го облагороди уште повеќе овој дел на Скопје.
Истовремено, овој свет храм кој го градиме, како и сите наши храмови, ќе биде центарот од каде ќе се рашири љубовта кон Бога.
Да му благодариме на Господ што нè удостои да бидеме свидетели и учесници на овој свет чин.
Да му благодариме на Бога што ни допушти да можеме да ја изградиме оваа црква.
Конечно, да му бидеме вечно благодарни на Бога за неговата излеана милост врз овој народ и врз секој човек на земјата. 

Драги пријатели,

Нашиот храм ќе биде посветен на денот на Преображението Господово.
Овој празник е востановен во спомен на еден важен настан што се случил на Тавор, четириесет дена пред Христовата смрт и распетие. Имено, кога Господ забележал дека апостолите не можат да ги разберат претстојните негови страдања, ги извел на Таворската гора и им се покажал во својата ненадминлива и несоздадена слава.
Оттаму, симболиката на овој важен настан, е особено важна и за нас денес.
И денес, како и секогаш низ минатото, но и во иднината, црквата нѐ кани да ги отвориме портите на нашето срце за таму да го населиме Бог и сите луѓе. 
И денес, како и секогаш низ минатото, но и во иднината, црквата нѐ учи дека треба да подаруваме повеќе љубов.
И денес, како и секогаш низ минатото, но и во иднината, црквата нѐ кани да се преобразиме не само себеси, туку и сите околу нас.

Почитувани сограѓани,

Единството е зборот кој ѝ е толку потребен на Македонија.
Единството е зборот од кој ќе зависи како ќе се развива Македонија.
Конечно, единството е зборот кој ќе ја определи нашата цврстина како народ.
Немаме друг избор освен да бидеме обединети.
Немаме друг завет од нашите свети отци на црквата, како и од нашите херои освен силната сплотеност и верба.
Мораме да се справиме со предизвиците.
Мораме да простуваме и да бараме прошка.
Овој свет храм посветен на Преображението Господово нека биде симбол на нашето единство како локална заедница, но и како народ и држава.
Да се обединиме сите под знамето на Христос и да ги споделуваме неговите вредности. Да застанеме еден до друг и да бидеме добри луѓе.
Да ги прославуваме празниците, но и да ја полниме црквата секојдневно.
Нашите цркви се онолку богати колку што има луѓе во нив.
Нашите цркви се онолку сјајни колку што има молитви во нив.
Конечно, нашите цркви се онолку силни колку што има верен народ во нив.
Да покажеме секој од нас поединечно дека ние денес, тука во nаселбата Даме Груев, во историската општина Ѓорче Петров, градиме свет храм кој ќе биде симбол на богатството, на силината и на сјајот на Македонија.
Искрено посакувам и ќе помагам колку што можам како и досега, овој свет храм да блесне во целиот свој сјај најбрзо што може.
Искрено посакувам сите ние заедно да изградиме уште посилни врски градејќи ја нашата црква.
Длабоко верувам дека на тој начин си помагаме самите на себе, а со тоа и на нашата Татковина, Македонија.
Нека ни даде Господ сила да истраеме во овие наши благородни намери.
Бидете благословени и Господ нека ја благослови Македонија.

Благодарам.

Click