Собраниско раководство

Недела, 7 септември 2014 година

Вељаноски: 8 Септември, денот кога треба да си подадеме рака помеѓу себе, со нашите соседи и со нашите сојузници

Почитувани дами и господа,
Драги пријатели,
Браќа и сестри,

Нека ни е вечен и вековит денот на македонската независнот!
Огромен поздрав и благодарност до сите вас што сте дел од оваа Свечена академија на која одбележуваме 23 години македонска државност и самобитност.
Огромен поздрав и благодарност до сите други граѓани на Република Македонија кои искрено му се радуваат и го прославуваат овој голем ден од нашата најнова историја!
Секако, ова е денот и кога од срце треба да им се заблагодариме и на сите личности без чиј ангажман, храброст и истрајност Македонија немаше да изгледа таква каква што е денес.
На крајот, но не помалку важно, сакам да им се заблагодарам и на сите наши меѓународни пријатели кои во тие времиња кога ги удиравме темелите на нашата самостојност, застанаа на страната на Македонија, помагајќи ни многу полесно да го изодиме процесот на нашето придружување кон семејството на независните нации и држави.
Еден огромен аплауз и за сите знајни и незнајни македонски синови и ќерки, низ историјата до денес кои имаат дадено свој придонес во создавањето на независната македонска држава!

Драги пријатели,

Секое време има свои предизвици!
Секој период ни поставува цели кои треба да ги достигнеме!
Наша обврска е да ги препознаеме, да најдеме решенија и да ги совладаме!
Од моменти на такви историски пресвртни точки не сме биле поштедени!
Некогаш сме реагирале навреме и одважно.
Некогаш – не!
Некогаш сме ги остварувале националните цели, но некогаш – не!
Некогаш сме ги поразувале непријателите и сме ја освојувале слободата, но некогаш и покрај сите напори сме останале во мракот на ропството!
Но, најважно од сè е дека во сите случаи низ историјата  никогаш не ни недостигала храброст, патриотизам и љубов кон татковината!
Секогаш сме се бореле храбро за слободата!
Секогаш сме биле на страната на правдината и на вистинските вредности!
Секогаш сме биле на вистинската страна на историјата!
Никогаш не сме потклекнале пред неправдите!
Никогаш не се помиривме со животот под ропство и под туѓи јареми!
Никогаш не престанавме да веруваме и да се бориме за нашето заедничко подобро утре под сонцето на слободата!
Таквата упорност, пожртвуваност, национална одговорност и вера ја доведоа Македонија таму каде што е денес!
Нашата татковина 23 години чекори по патот на независноста!
Нашите граѓани 23 години ја живеат слободата и успешно се носат со одговорноста која доаѓа со независноста!
Самите сме одговорни за својата судбина!
Самите ги кроиме нашите политички потези!
Самите се грижиме за Македонија!
Останаа зад нас како мрачен спомен времињата кога некој друг, а не ние самите одлучуваше за нас и во наше име!
Останаа зад нас историските темници кога без нас беше кроена нашата судбина!
Конечно, останаа зад нас периодите кога туѓи војски, полиции, политичари и администрација го угнетуваа овој народ!
8 Септември е денот кој ја заврте историјата!
8 Септември е денот кога печатот за судбината на Македонија, граѓаните одлучија да биде во наши раце!
8 Септември е денот кога, како ретко кога, покажавме државно единство, народен плебисцит, гласајќи за самостојна, суверена и независна Македонија!
Затоа гласно да извикаме:
Нека биде вечна самостојноста на нашата татковина Република Македонија!
Нека биде вечен македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија!
Да се слави и прославува 8 Септември, денот кога во целосна слобода, ја преземавме одговорноста за себе и за нашата татковина!

Драги браќа и сестри,

Независноста на Република Македонија претставува природен след после големите потреси со кои се соочи светот по распадот на комунизмот и на социјализмот во Источна Европа.
Сложените социјалистички држави се распаѓаа под налетот на идеите на демократијата и на слободата, а малите нации, како македонската требаше да ја препознаат таа историска пресвртница и да се изборат за конечната слобода.
Македонија го препозна тој историски миг!
Македонските политички и општествени личности ја превземаа врз себе одговорноста да го организираат и да го спроведат процесот на македонската независнот!
Граѓаните на Македонија како ретко кога во историјата, обединети и сложни излегоа на гласачките места за да ја потврдат засекогаш македонската желба за своја држава!
целта беше остварена!
Крајот на тој 8-мо септемвриски ден го дочекавме на плоштадите!
Излеговме заедно под знамето на слободата да му се радуваме на историскиот исчекор што го направивме!
Македонија го препозна историскиот момент!
Македонија, како секогаш низ историјата, застана на страната на европските вредности чиј почеток и крај се демократијата, човековите права и слободи и пазарната економија!

Драги пријатели,

Сосема искрено, на овој ден, од ова место, за да остане запаметено, чувствувам силна потреба да им честитам за херојското дело и за љубовта кон Македонија на сите македонски војници кои создавањето на независна Македонија го дочекаа под туѓи униформи и знаме далеку од Македонија!
Сакам да им честитам за храброста и одважноста заради одлуката да ги напуштат туѓите фронтови, ставајќи ѝ се на услуга на својата татковина Македонија!
Огромна почит и до семејствата на сите загинати и ранети македонски војници од тие постјугословенски времиња кои со своето дело се вградија во независноста на македонската држава!
Огромна благодарност и до сите други македонски синови и ќерки кои овие 23 години во македонски униформи ги чуваа македонските граници и македонската земја внатре во Македонија кога беше потребно или надвор од неа како дел од мисиите на нашите нато сојузници!
8 Септември е денот кога треба да им се заблагодариме на овие наши синови и ќерки!
8 Септември е денот кога треба да го прославиме нивното дело!
8 Септември е денот кога треба да си спомнеме за нивната пожртвуваност и искрено, од срце да им се заблагодариме за тоа!
8 Септември е денот кога треба да се поклониме пред нивните споменици!
Македонија не ги заборава оние кои се бореа за неа!
Македонија ги памети оние кои искрено ја сакаат!
Македонија ги слави и ги воспева сите херои кои ја граделе и ја чувале!

Драги пријатели,

8 Септември е најголемиот симбол и на искрениот дијалог, соработка и разбирање помеѓу различните политички партии!
Независноста на Македонија е наше заедничко дело!
8 Септември е заслуга на сите политички партии!
Нема позаслужни и помалку заслужни партии!
Независноста на Македонија е процес од кој не беше исклучен ниту еден позначаен политичар или партија!
Затоа, 8 Септември треба да биде денот на кој треба да го славиме и да го поттикнуваме нашето единство и соработка!
8 Септември не е празник само на поддржувачите на една или на друга партија!
8 Септември е празник на сите наши партии!
8 Септември е најголемиот политички успех, како на ВМРО-ДПМНЕ, така и на СДСМ!
Оваа вредност на овој голем ден мораме постојано да ја акцентираме.
Како што пред 23 години македонските политичари од сите политички партии застанаа еден до друг на плоштадот во Скопје да ја обнародат и да ја прослават независноста, така ние денес имаме обврска кон тоа дело и кон тие луѓе да бидеме единствени и сплотени!
Македонија нема друга алтернатива освен заедничкото дело за подобро утре на сите партии!
Да си спомнуваме за одмереноста на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров кој дојде од таборот на македонската левица.
Да ги славиме достигнувањата во остварувањето на независноста на академик Никола Кљусев кој како прв македонски премиер доаѓаше од таборот на десницата.
Да се сеќаваме на работата на првиот собраниски претседател, г. Андов, на пратениците од првиот македонски парламент, како и на министрите од првата влада, кои иако имаа сосема различна идеолошка определба или етничка припадност, заедно ги донесоа клучните одлуки и документи и ги превзедоа сите чекори за нашата татковина да се организира како суверена, независна и самостојна држава.
Извојуваната државност мораме да ја сочуваме!
Вкупните прилики во Македонија мораме уште повеќе да ги унапредуваме.
Меѓутоа сè е потешко доколку отсуствува единството!
Секоја цел е подалечна доколку не сме обединети!
Мораме да ги надминуваме нашите разлики!
Да го развиваме дијалогот!
Да вообличуваме конкурентна политичка понуда!
Да се натпреваруваме со идеи!
Да правиме сè што е во наша моќ многу повеќе партиите да се доживуваат како конкуренти, а не како непријатели!
Да си подадеме рака независно од тоа на која партија и припаѓаме!
Нашата најголема партија останува да биде Македонија!
Зад себе го имаме делото на основачите на македонската држава од 90-тите години на 20. век, а пред нас се големите заеднички интереси.
Мораме заедно да чекориме кон остварувањето на овие големи цели водејќи се од мудроста на личностите кои иако имаа различна политичка припадност, заедно ја создадоа независна Република Македонија!
Да бидеме свесни дека ние денес ја пишуваме историјата, така како што пред 23 години некои други личности пред нас ја напишаа светлата македонска историја.
Да запаметиме дека со својот ангажман оставаме дела, кои треба како позитивни да бидат препознаени од историјата во времињата што доаѓаат.
Ако ова го запомниме, убеден сум дека заеднички ќе надминеме уште повеќе проблеми и ќе совладаме уште повеќе препреки.

Дами и господа,

8 Септември, како ден на нашата независност подеднакво се однесува на сите нас независно од тоа каков јазик говориме или на кој бог му се молиме.
И Македонците, и Албанците, и Србите, и Турците, и Ромите, и Бошњаците и сите други го слават Денот на независноста бидејќи сите ние заедно ја освоивме слободата.
Оваа особеност е нашата најголема вредност!
Меѓуетничката толеранција и разбирање е нашата најголема придобивка, но и предизвик.
Унапредувањето на меѓуетничките односи е еден од нашите најголеми успеси, но и една од нашите најважни задачи.
На овој план, имаме направено многу, но, секако, мораме уште да правиме.
Мораме уште повеќе да ја јакнеме довербата и разбирањето помеѓу етничките заедници.
Мораме уште повеќе да ја јакнеме меѓуверската толеранција.
Мораме јасно и недвосмислено да ги осудуваме сите идеи кои промовираат нетолеранција.
8 Септември не говори за доминација и исклучивост.
Славејќи го овој голем државен успех, уште посилно да ги освојуваме нашите заеднички предизвици.
Заедно, еден до друг, од сите нации и вери, со несмалена жестина да се избориме за Европската унија.
Заедно, еден до друг, од сите нации и вери, со несмалена жестина да се избориме за членството во НАТО.
Конечно, заедно, еден до друг, од сите нации и вери, со несмалена жестина да се избориме за подобриот живот на сите нас.
Ова е нашата агенда!
Ова е нашата цел!
Ова се нашите приоритети!
Тоа се нашите мостови кои нé обединуваат меѓу себе, но и со целиот свет!

Драги пријатели,

Членството на Македонија во НАТО е нашиот најголем приоритет.
Во овој историски период, тоа е целта над сите цели!
Тоа е задачата над сите наши задачи!
Со силна вера и посветеност, стоиме рамо до рамо со нашите западни сојузници.
Непоколебливо даваме свој придонес во афирмацијата на вредностите во кои веруваме.
Со силна вера и посветеност, продолжуваме стрпливо да го чекаме денот кога македонското знаме ќе се развиори пред седиштето на нато во брисел.
Свесни сме за консталациите кои се причината за овој наш застој, заради што продолжуваме и со напорите за надминување и на последната пречка за наше целосно интегрирање во Алијансата.
Продолжуваме со разговорите со Република Грција за надминување на наметнатиот проблем со нашето уставно име.
Веруваме дека нашите грчки соседи ќе разберат дека Република Македонија и македонскиот народ, ниту биле, ниту некогаш ќе бидат закана за Република Грција.
Настојуваме да ги афирмираме позитивните вредности во нашите меѓусебни односи.
Да ја развиваме економската, културната, образовната и секаков друг вид на соработка.
Во светло на новите геополитички предизвици, македонскиот и грчкиот народ имаат историска должност да покажат државотворна зрелост за да можеме заеднички да се соочиме со нив и да ги надминеме!
Мораме да гледаме повеќе на нештата што нé спојуваат отколку на нештата што нé разделуваат!
Во духот на нашата заедничка православна христијанска традиција, македонскиот и грчкиот народ имаат света цел да си подадат рака и да се завртат кон иднината!
Република Македонија и Република Грција, треба многу повеќе да се обединат под знамето на верата, на надежта и на љубовта, кои како носечки морални вертикали на нашето заедничкото христијанско наследство, ќе ни го отворат сосема широко патот на соработката, на почитта и на разбирањето втемелени на рамноправни основи!

Дами и господа,

Членството во Европската унија е следниот голем приоритет за нашата држава!
Нашиот нов 8 Септември, новиот македонски Илинден ќе биде денот кога Република Македонија ќе се интегрира во Европската унија!
На патот до полноправното членство, остваривме голем напредок.
Продолжуваме со иста посветеност да работиме на остварување на големата цел на граѓаните на Република Македонија.
Во изминатите години, како држава направивме огромни исчекори.
Различните влади водени од различни политички партии, трпеливо и посветено го пишуваа македонското европско досие.
И денес го правиме истото!
Продолжуваме да ја реформираме Македонија согласно европските стандарди!
Продолжуваме да ја градиме Македонија согласно насоките од нашите европски пријатели!
Продолжуваме да го менуваме македонското општество и прилики согласно европските рецепти!
Европската унија е најдобриот проект за Македонија!
Интеграцијата во Европската унија е најдобриот рецепт за модернизација на македонското општество!
Драги пријатели,
Вкупниот државен развој продолжува да биде нашиот најголем предизвик.
Досегашните успеси во осовременувањето на животот на македонскиот граѓанин, треба да бидат само дополнителен поттик за нови дела.
Мораме да градиме уште повеќе нови училишта.
Мораме да инвестираме уште повеќе во здравството.
Мораме да продолжиме да го поддржуваме македонскиот земјоделец.
Мора да продолжиме да се грижиме за македонските пензионери.
Мораме тоа да го направиме како политичари бидејќи тоа се најголемите очекувања од граѓаните.
Досегашните успеси се најголемата потврда дека дури и најголемите препреки можат да се премостат.

Драги пријатели,

На  8 септември по 23-ти пат огреа македонското сонце на слободата.
Изминатите две децении покажавме дека имаме сила да ја сочуваме и да ја надградиме оваа придобивка.
Покажавме дека знаеме како да ја градиме Македонија.
Покажавме дека знаеме како да го чуваме наследството и вредностите на основачите на македонската држава.
покажавме дека имаме сила натамошно да ги зацврстиме темелите на Македонија.
Имаме обврска оваа наша земја да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна.
Македонија мора да успее!
Македонија знам дека ќе успее!
Македонскиот народ покажа како се освојува слободата!
Тој ќе покаже како истата се зачувува и се надградува!
На тој пат ќе се соочиме со безброј предизвици!
Ќе има безброј искушенија и тешки моменти!
Меѓутоа, бог ни ја дава онаа тежина, која можеме да ја носиме!
И на Македонија бог ќе ѝ ги даде оние предизвици со кои таа ќе може да се справи за да излезе уште поразвиена!
Да продолжиме да се сеќаваме на сите светли моменти од нашата историја!
Да ги славиме празниците и да се сеќаваме на личностите кои се вградиле во македонската независност!
Да застанеме еден до друг!
Да си подадеме рака меѓу себе, со нашите соседи и со нашите западни пријатели!
Да тргнеме заеднички напред кон новите предизвици!
Да ја градиме Македонија! Да ја развиваме Македонија!
Господ нека ја благослови оваа држава и нејзините граѓани!
Нека е вечен споменот за 8 Септември!
Нека е вечна Македонија!
Да живее Република Македонија!

Благодарам.

Click