Собраниско раководство

Петок, 16 октомври 2015 година

Претседателот Вељаноски на 7. Конференција на претседатели на Парламенти на земјите од Западен Балкан

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска во Будимпешта учествуваше на Седмата Конференција на претседатели на Парламенти на земјите од Западен Балкан, на покана на претседателот на Националното собрание на Унгарија, г. Ласло Ковер.

Во рамките на Конференцијата, претседателот Вељаноски се обрати на првата сесија на тема: „Југоисточна Европа на патот кон Европската унија“, а на втората сесија беше копретседавач заедно со домаќинот на Конференцијата, г. Ласло Ковер и се обрати на тема: „Актуелни безбедносни предизвици во Југоисточна Европа - можни решенија“.

За време на Конференцијата претседателот Вељаноски оствари билатерална средба со г. Ласло Ковер, на која соговорниците разменија мислења и ставови во однос на актуелната мигрантска криза, којашто претставува голем проблем за двете земји.

Соговорниците се согласија дека оваа криза во иднина може да ескалира во поголеми размери, дека таа е заеднички проблем и претставува опасност за Европската унија во целина и дека решението за справување со овој проблем треба да се изнајде заеднички и што поскоро.

На средбата беше потенцирана и поддршката од Унгарија за што поскоро отпочнување на преговорите на Република Македонија со Европската унија, како и заслуженото членство во НАТО.

По завршувањето на Конференцијата, присутните имаа прилика да разменат мислења за актуелните случувања во државите како и за значењето на ваквиот вид на настани со кои се унапредува регионалната соработка.

Исто така, стана збор и за значењето на парламентарната дипломатија и можните начини за интензивирање на соработката меѓу парламентите од регионот на сите нивоа.

Ваквите средби се можност за дополнителен поттик за меѓусебно помагање и поддршка, особено во однос на членството во ЕУ и НАТО, со заемна размена на искуства во однос на хармонизација со европското законодавството и постигнување на стандардите на Алијансата.

На денешната, седма по ред, Конференција на претседатели на Парламенти на земјите од Западен Балкан во Будимпешта, учествуваа и делегации од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Србија. 

Click