Собраниско раководство

Петок, 4 декември 2015 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДОМОТ НА ПРАТЕНИЦИ НА ПАРЛАМЕНТОТ НА ЧЕШКАТА РЕПУБЛИКА, Г. ЈАН ХАМАЧЕК

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Вељаноски денеска оствари средба со претседателот на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република, г. Јан Хамачек. На почетокот претседателот Вељаноски изрази задоволство од средбата и притоа нагласи дека ваквите средби претставуваат потврда за добрите билатерални односи кои ги негуваат Република Македонија и Чешката Република. Претседателот Вељаноски ја истакна досегашната одлична парламентарна соработка помеѓу девете земји на која постојано се работи како, и успешната соработка која ја има со Амбасадата на Чешката Република во Република Македонија.

Претседателот Вељаноски се заблагодари на принципиелната политика на безрезервна поддршка која ја води Чешката Република кога станува збор за членствотo на Република Македонија во Европската унија и НАТО Алијансата. Тој уште еднаш истакна дека што се однесува на евроинтеграциите на Република Македонија, има целосен политички консензус и голем процент на граѓани ја поддржуваат оваа стратешка определба.

Претседателот на Домот на пратеници на Чешката Република, г. Хамачек заблагодарувајќи се за гостопримството, истакна дека оваа официјална посета на Република Македонија претставува одлична можност за зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји. Претседателот Хамачек ја потврди континуираната чешка поддршка за македонските евроатлантски интеграции и изрази отвореност за соработка и споделување на искуствата на Чешката Република во однос на интеграцијата во Европската унија и НАТО. Исто така, претседателот Хамачек истакна дека оваа посета претставува можност да се разговара за мигрантската криза и изрази подготвеност Чешката Република да помогне во решавањето на проблемите со кои се соочува Република Македонија.

Во контекст на актуелната мигрантска криза, претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија вложува огромни напори, материјални средства и човечки ресурси да обезбеди хуманитарен третман на бегалците, притоа почитувајки ги меѓународните стандарди и принципи. Двајцата соговорници оценија дека бегалската криза претставува хуманитарна криза, но истовремено и безбедносно прашање кое може да се реши само со целосно ангажирање, како на Европската унија и нејзините институции, така и на секоја поединечна членка.

На средбата се разговараше и за актуалните случувања во двете земји, работата и активностите на Собранието на Република Македонија и беше изразена отвореност и подготвеност за продолжување на досега успешната парламентарна соработка помеѓу Република Македонија и Чешката Република. Двајцата соговорници се согласија дека треба заеднички да се работи и на подобрување на економската соработката меѓу двете земји.

Претседателот на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република, г. Јан Хамачек денеска е во официјална посета на Република Македонија во придружба на потпретседателот на Домот на пратеници на парламентот на Чешката Република г. Јан Бартошек и пратениците: г. Ладислав Велебни, г. Зденек Соукуп, г. Павел Ковачик, г. Ром Кострица, г. Марек Бенда и г. Марек Чернок.

Click