Соопштенија

Петок, 27 јуни 2014 година

Учество на Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Пратеникот Владимир Ѓорчев, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, ќе учествува на 23. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што ќе се одржи од 28 јуни до 2 јули 2014 година во Баку, Република Азербејџан.

На сесијата, чија главна тема за дискусија е: „Хелсинки + 40: кон човекова безбедност за сите“ се очекува учество на околу 300 пратеници од 54 парламенти-членки на ПС на ОБСЕ и пет земји партнери за соработка.

Во рамките на годишната сесија ќе се одржат седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања, седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на ОБСЕ, пленарна седница, специјална дебата за порастот на екстремизмот, радикализмот и ксенофобијата во регионот на ОБСЕ и други придружни настани. 

Се очекува на годишната сесија да се обратат г. Илхан Алијев, претседател на Република Азербејџан, г. Дидие Буркхалтер, претседател и министер за надворешни работи на Украина и претседавач со ОБСЕ, г. Сергеј Наршкин, претседател на Државната Дума на Руската Федерација, г. Руслан Кошулински, потпретседател на Парламентот на Украина и др.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

Click