Соопштенија

Понеделник, 22 јуни 2015 година

Учество на летната сесија на ПС на СЕ во Стразбур

Од 22 до 26 јуни 2015 година во Стразбур, Франција, ќе се одржи летната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која ќе учествуваат пратениците Александар Николоски, во својство на шеф и Ермира Мехмети и Владимир Ѓорчев во својство на членови на Делегацијата на Собранието на Република Македонија. 

На сесијата свое обраќање ќе имаат генералниот секретар на Обединетите нации, г. Бан Ки-Мун; претседателот на Малта, г-ѓа Мари Луиз Колеиро Прека; премиерот на Република Грција, г. Алексис Ципрас; како и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Младен Иваниќ. 

На сесијата пратениците од земјите-членки ќе го разгледуваат поништувањето на претходно ратификуваните акредитации на Делегацијата на Руската Федерација, функционирањето на демократските институции во Азербејџан, ситуацијата во Унгарија, а актуелна тема ќе биде потребата од заеднички европски одговор на предизвиците на миграцијата.

Исто така, ќе се дебатира за исчезнатите лица за време на конфликтот во Украина, подобрувањето на заштитата на луѓето кои соопштуваат за потенцијални кривични дела по допрен глас, спречувањето на неорасизмот, како и евалуацијата на Партнерството за демократија во однос на Собранието на Мароко. 

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, г. Игор Црнадак, ќе им се обрати на пратениците во улога на претседавач со Комитетот на министрите, а генералниот секретар на Советот на Европа, г. Торбјорн Јагланд, ќе одговора на прашања од пратениците, според новата пракса која беше воведена на априлската сесија на ПС на СЕ.

Според распоредот, честа да претседава со Парламентарното собрание на Советот на Европа, во функција на потпретседател, ќе му припадне на шефот на македонската делегација, г. Александар Николоски, во среда попладне. Во текот на сесијата, на еден од состаноците на Мониторинг комисијата ќе бидат избрани и двајца нови известители за Република Македонија, кои ќе го продолжат дијалогот за следење на исполнувањето на обврските кои нашата држава ги преземала при зачленувањето во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Во текот на јунската сесија, Парламентарното собрание ќе ја одбележи 60-годишнината на наградата „Европа“. Креирана од страна на Парламентарното собрание во 1955 година, наградата „Европа“ е највисокото признание што може да биде доделено на еден европски град за неговите активности во промовирањето на европските вредности, како збратимување, организирање европски настани, размена на посети, итн. Се состои од статуетка, медал, диплома и стипендии за студиски посети на младите луѓе од општината која ја освоила наградата.

Click