Соопштенија

Среда, 14 мај 2014 година

Учество на седница на мониторинг-комисијата

Од 14 до 16 мај во Париз, Франција, шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Александар Николоски ќе учествува на седницата на  мониторинг-комисијата, во својство на потпретседател, како и на состанокот на Ад-хок комисијата за функционирање на парламентарната мониторинг-постапка, во својство на член.

На седницата на мониторинг-комисијата ќе се разгледува информацијата на известителот г. Роберт Валтер за одржаните претседателски и предвремените парламентарни избори во Република Македонија. Парламентарното собрание на Советот на Европа испрати делегација составена од 13 члена која, заедно со набљудувачите од ОБСЕ-ОДИХР, ги набљудуваа првиот круг од претседателските како и вториот круг претседателски и предвремените парламентарни избори. Мисиите на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на изборите имаат за цел да потврдат дека универзалните вредности на Советот на Европа се добро познати, разбрани и се применуваат и со тоа да придонесат за зголемување на бројот на европски држави кои се посветени на демократијата, владеењето на правото и човековите права.
Според дневниот ред, на седницата ќе се разгледува информацијата на Предизборната мисија за набљудување на претседателските избори во Украина закажани за 25 мај 2014, а ќе се дискутира и за  актуелната состојба во Руската Федерација

На состанокот на Ад-хок комисијата за функционирање на парламентарната мониторинг-постапка ќе се разгледуваат предлозите за подобрување на мониторинг постапката, односно форматот и работните методи. Предвидено е Ад-хок комисијата да го достави својот Извештај до Парламентарното собрание за време на јунската сесија на ПС на СЕ, а доколку во Извештајот бидат предложени извесни измени на Деловникот за работа, тие би почнале да се применуваат од јануари 2015 година.

Click