ЕУ вести

Среда, 5 февруари 2020

Усвоена новата методологија за проширување на ЕУ

Европската комисија ја усвои новата Методологија за проширување на Европската Унија, што е всушност предлози за зајакнување на процесот на пристапување во ЕУ.  Таа ќе биде формализирана во рамките на преговорите со нашата земја и Албанија.

Ревидираната методологија за проширување се заснова на четири главни принципи, и тоа: кредибилитет, посилно политичко управување, динамичност и двострана доверба.

Поопширно, овие принципи значат земјите кандидати да ги испорачаат ветените реформи, а ЕУ да одговори соодветно по нивното испорачување. Работата со кандидатите да биде засилена на највисоко ниво, преку редовни самити и министерски состаноци, со цел истите да бидат повклучени и да имаат подобри можности за набљудување и преглед на процесот. Групирањето во кластери на основните поглавја - владеење на правото, економија и реформи во јавната администрација, ќе овозможи подетални политички дискусии за тематските области и идентификување на можностите за рано усогласување и интеграција во политиките на ЕУ. Во овие области ќе треба да се постигне доволен напредок пред да се отворат другите поглавја. Доколку успешно се спроведат клучните реформи следи поддршка за цврст и забрзан економски развој и материјални придобивки за граѓаните. Од друга страна, предвидени се порешителни мерки за санкционирање на какво било сериозно или продолжено стагнирање, како забавување на преговорите, прилагодување на финансиите и повлекување на придобивките од поблиска интеграција.

Сепак, ревидираната методологија се заснова на истите критериуми за влез во ЕУ, утврдени во Договорот за ЕУ и според критериумите од Европскиот совет во Копенхаген уште во 1993 година, кои се многу јасни и не се менуваат - стабилни институции што гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата; функционална пазарна економија и капацитет за справување со конкуренцијата и пазарните сили во ЕУ; можности за преземање и ефикасно спроведување на обврските за членство. Во случајот со Западен Балкан, во „Процесот на стабилизација и асоцијација“ се утврдени дополнителни услови за членство, главно во врска со регионалната соработка и добрососедските односи.

Click