Собраниско раководство

Сабота, 21 април 2018 година

Други средби на претседателот Џафери во рамките на официјалната посета во Република Турција

Во продолжение на официјалната посета во Република Турција на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, се остварија и две средби во Истанбул, на кои, исто така, присуствуваа и другите членови на Делегацијата, односно г. Весел Мемеди, потпретседател на Собранието, г. Енес Ибрахим, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција и г. Јусуф Хасани, член на Пратеничката група за соработка.

Првата средба беше всушност работна вечера која ја приреди г. Билал Кара, претседател на Деловниот совет Турција - Македонија на Бордот за надворешно-економски односи на Република Турција (DEİK), којшто е во рамките на Министерството за економија. 

На вечерата беа поканети претставници на компании кои веќе се присутни со свои успешни претставништва во Република Македонија и компании кои се заинтересирани да го прошират своето делување во Македонија и Регионот, водени од позитивните искуства на другите.

Претседателот Џафери, во својот поздравен збор, констатираше дека овој импресивен состав на бизнис-претставници сам по себе говори за фактот дека Македонија е конкурентна бизнис-земја која нуди навистина поволни услови за странските инвеститори и чијашто инвестиција е заштитена со важечките закони кои со последните измени нудат еднакви услови за сите инвеститори, и за странските и за домашните. Покрај законската регулатива, еден од најзначајните фактори за атрактивноста на земјата е стабилизацијата по подолга политичка криза, а добивањето на позитивен, безусловен Извештај за напредокот, зголемената динамика и активност во насока на добрососедските односи, се, исто така, во прилог на таа привлечност за инвестирање.  

Господин Билал Кара истакна дека целта на Деловниот совет Турција - Македонија на Бордот за надворешно-економски односи на Република Турција (DEİK), е да го информира приватниот сектор во Турција за можностите за инвестирање во Македонија и за новите економски политики кон странските инвестиции и токму затоа оваа средба е значајна затоа што економската соработка меѓу двете земји треба да го следи примерот на одличните политички односи. 

Актуелно, Турција е на шестото место од топ 20-те земји со вкупниот прилив во Македонија. Трговската размена изнесува 462 милиони долари, меѓутоа г. Кара истакна дека предизвик им е достигнувањето на трговска размена до една милијарда американски долари годишно. 

Претседателот на Собранието, г. Џафери, истакна дека и Парламентот и Владата ќе направат сè што е во нивна моќ за да се олесни економската соработка. Во прилог на оваа определба е географската близина, добрата инфраструктурна поврзаност со соседните земји, а новина е и најновата директна авионска линија меѓу Македонија и Турција.

Во рамките на официјалната посета на Република Турција беше остварена и средба со претставници на иселениците од Република Македонија во Истанбул. На средбата во организација на Здружението на иселениците од Гостивар беа поканети и претставници од Фондацијата на Румелијците во Истанбул, Федерацијата на иселеници од Румелија, Друштвото на иселеници од целиот Балкан, Друштвото на иселеници од Румелија – Рами, Друштвото на иселеници од Азискиот дел, Друштвото на гостиварци од Кадиќој, Друштвото на иселеници од Ќагитхане и претставници од локалната власт во истанбулската општина Ејуп. 

Средбата се одвиваше во топла и срдечна атмосфера, а претседателот Џафери нагласи дека Република Македонија и Република Турција ги поврзуваат историски, семејни и културни врски, и во тој поглед иселениците претставуваат значајна алка во цврстото пријателство и плодната соработка меѓу двете земји, а фактот што тие се толку добро интегрирани и етаблирани во турското општество говори за отвореноста и космополитизмот на ова поднебје. 

Со оваа средба се заокружи официјалната посета на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, во Република Турција.

Click