Собраниско раководство

Понеделник, 3 јули 2017 година

Парламентарна делегација предводена од претседателот Џафери во официјална посета на Црна Гора

На покана на претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, ја предводи парламентарната делегација составена од пратениците, г. Максим Димитриевски и г. Џеват Адеми.

Пред почетокот на официјалните средби со претставниците на државниот врв, беше организиран свечен пречек на гостите со интонирање на химните на двете држави и со салутирање на гардата на Црна Гора пред двајцата претседатели на парламентите, г. Брајовиќ и г. Џафери.

На разговорите со претседателот на црногорското Собрание, г. Иван Брајовиќ претседателот Џафери изрази чест и задоволство што првата официјална посета по изборот на новото парламентарно мнозинство е во земја од регионот со која немаме отворени прашања, со која нè врзуваат пријателство и традиционално добри политички, економски и културни врски и со која делиме исти надворешно политички приоритети.

Тој на својот колега и на граѓаните на Црна Гора им го честиташе полноправното членство во Северноатлантската договорна организација и истакна дека остварувањето на оваа стратегиска цел на државата ќе придонесе за поголема безбедност и стабилност како во регионот, така и пошироко.

Претседателот Џафери, изрази верување дека со пристапувањето на Црна Гора во НАТО, Република Македонија доби уште еден голем поддржувач на нејзините аспирации за  интеграција во евроатлантската безбедносна заедница и подвлече дека членството, исто така, покажа дека вратите на Организацијата остануваат отворени и дека е цврсто убеден дека наскоро и ние ќе ја достигнеме оваа клучна точка на нашиот пат - полноправно членство во НАТО.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелната политичка состојба во двете држави и се согласија дека постои многу простор за проширување и интензивирање на економската соработка, како на ниво на Влади, така и на ниво на стопански комори.

На средбата со членовите на Комисијата за одбрана и безбедност на црногорското Собрание, од двете страни беше изразено задоволство од одличната соработка на полето на одбраната меѓу двете држави во форма на  обуки и школување на кадри, како и учество во заеднички проекти.

Од црногорска страна беше искажана спремност за пренесување на искуства во однос на пристапувањето во НАТО, и за таа цел, од наша страна, беше упатена покана за средба со членовите на Комисијата за одбрана во Собранието на Република Македонија. Беше поздравена и соработката во рамки на Јадранската повелба со која во моментов претседава Република Македонија.  

Делегацијата на Собранието на Република Македонија се сретна и со членовите на новоизбраната Група во црногорското Собрание за пријателство со Собранието на Република Македонија, со која претседава г. Генци Ниманбегу, кој е потпретседател на Собранието на Црна Гора.

На средбата, домаќините беа информирани дека во Собранието на Република Македонија, во сите мандати се формира Парламентарна група за соработка со Парламентот на Црна Гора, а пратениците се согласија дека во иднина треба да се остварат почести директни контакти кои овозможуваат директно запознавање со состојбите во двете држави и размена на мислења и искуства, имајќи ги предвид истите стратегиски приоритети на двете држави.

Беше поздравен напредокот на Црна Гора во однос на преговорите со Европската унија, со отворањето на 28. поглавја и дефинирањето на рамката за отворање на преостанатите пет поглавја.

На средбата беа разменети искуства и за учеството на жените во Парламентот и притоа Република Македонија беше посочена за пример во регионот со законските решенија за задолжително номинирање на жени на пратеничките листи. 

По средбата со претседателот на Собранието на Црна Гора, двајцата претседатели дадоа изјави за медиуми.

Click