Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Понеделник, 12 март 2018 година

Седница по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Република Македонија во логорот на смртта Треблинка

Денеска, Собранието на Република Македонија одржа седница по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Република Македонија во логорот на смртта Треблинка. На седницата беа поканети претседателот на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, министрите во Владата на Република Македонија, претставниците на верските заедници и религиозни групи во Република Македонија, дипломатскиот кор, делегација од Босна и Херцеговина, делегација од Државата Израел, делегација од Република Романија, делегација од Република Полска, делегација од САД, како и делегации од еврејски институции и заедници.

На седницата беше прочитана Декларацијата по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Република Македонија во логорот на смртта Треблинка, усвоена од страна на сите политички партии на 35. седница на Собранието којашто се одржа на 5 март, а свои обраќања имаа заменик-министерот за одбрана на Државата Израел, г. Раби Ели Бен Дахан и заменик-претседателот на Владата на Република Романија, г-ѓа Ана Бирчал. 

Седницата на Собранието беше дел од активното учество на Собранието на Република Македонија во настаните за одбележување на 75 години од депортацијата. Од Сала „Македонија“ се испрати гласна порака дека холокаустот и кој било геноцид не смее да се повтори. 

Во своето воведно обраќање, претседателот Џафери истакна: На 11 март 2018 се навршија 75 години од депортацијата на 98% од Еврејската популација во Македонија во логорот на смртта Треблинка, од каде што ниту еден од депортираните не се врати жив.

Собранието на Република Македонија активно учествува во одбележувањето на оваа годишнина. Осудувајќи го Холокаустот, како и сите форми на геноцид и кршење на човековите права како што се антисемитизмот, дискриминацијата, говорот на омраза, ксенофобијата, исклученоста, расизмот  преку Усвојувањето на Декларацијата по повод 75 години од депортацијата на евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка испраќаме гласна порака дека Холокаустот или кој било друг геноцид никогаш не смее да се повторат.