Собраниско раководство

Среда, 24 јули 2019 година

Средба на претседателот Џафери со амбасадорката на Народна Република Кина, Н.Е. Јин Лишиан

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со амбасадорката на Народна Република Кина, Н.Е. Јин Лишиан, чија дипломатска мисија во Република Северна Македонија завршува на крајот на месец јули. На средбата беа присутни и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и претседателката на пратеничката група за соработка со парламентот на Народна Република Кина, Владанка Авировиќ.

На прошталната средба, претседателот Џафери изрази благодарност до амбасадорката Јин за нејзината работа во текот на мандатот, во кој преку конкретни активности беше даден значаен придонес за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави. Во таа насока, и официјалната посета на Народна Република Кина од страна на висока делегација од Собранието предводена од претседателот Џафери, реализирана во средината на месец јуни беше оценета како важен чекор кој ги подигна билатералните односи меѓу двете држави на едно повисоко ниво, и ги зајакна односите меѓу законодавните тела на двете држави. 

Амбасадорката Јин истакна дека, во текот на нејзината тригодишна дипломатска служба беа реализирани многу заеднички проекти, како проектите за  помош на развојот на образованието и секако изградбата на двата автопати, од кои едниот, Миладиновци - Штип е финализиран, а изградбата на автопатот Кичево - Охрид продолжува, по одобрената кредитна линија од страна на кинеската влада.

Двете страни изразија уверување дека, традиционално пријателство и соработката меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина кое има многу силни основи ќе продолжи, како во рамките на Процесот  за соработка на  17 држави од Централна и Источна Европа и НР Кина, така и на билатерално ниво.

На крајот на средбата, претседателот Талат Џафери, од име на Собранието на Република Северна Македонија, на амбасадорката Јин и врачи Признание во знак на почит на нејзиниот придонес за промовирање на соработката и градењето мостови меѓу двете држави.   

Click