Собраниско раководство

Четврток, 21 септември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со Делегацијата на Комисијата за меѓународни односи на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Талат Џафери, денеска, во организација на Амбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија, оствари средба со делегација на Комисијата за меѓународни односи на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство, Лордот Брус Грокот и Баронесата Џин Кусинс.

Претседателот на Собранието, г.Талат Џафери, на почетокот на средбата изрази голема благодарност за силната и отворена поддршка што Обединетото Кралство ја дава на Република Македонија во однос на потребните внатрешни реформи на патот кон нејзиното интегрирање во евроатланските структури и нагласи дека и покрај Брегзит, во Република Македонија и понатаму ќе бидат добредојдени британските искуства од членството во Европската Унија, кои ќе помогнат во остварувањето на стратешката цел, а тоа е полноправното членство во Европската Унија.

Претседателот Џафери информираше за потпишувањето на вториот Меморандум за соработка со Вестминстерската фондација за демократија што се случи на 15 септември, на Денот на демократијата, што е и потврда за одличната соработка што се негува во изминативе дваесет и пет години, меѓутоа и потврда за нашата подготвеност за стекнување и имплементирање на добрите парламентарни практики според примерот на Британскиот парламент, кој е лулка на светската парламентарна демократија.

На прашањето кои се првите предизвици со кои се соочил г. Џафери при преземањето на оваа висока државна функција, претседателот на Собранието одговори дека тоа е унапредувањето на демократските процеси, јакнењето на институциите, зацврстувањето на контролната улога на парламентот, транспарентен парламент и сходно на овие предизвици, и потребата од одредени измени на Деловникот на Собранието.

Лордот Грокот и Баронесата Кусинс изразија задоволството од приемот во Собранието на Република Македонија, во домот на демократијата и на граѓаните, бидејќи парламентот претставува столб на демократијата. Функцијата претседател на парламент е најважна и најодговорна, особено при транзиција на власт. Таа позиција бара голема лична посветеност и истрајност, а фактот што јавното мислење и поддршка се подобрени, дополнително го охрабруваат за работа актуелниот претседател на Собранието.

Соговорниците разменија мислења околу идните предизвици на новиот парламентарен состав, околу улогата на Собранието како коректив на извршната власт и за потребните реформи според Планот „3-6-9“ на Владата во насока на што побрзо интегрирање на Република Македонија во евроатланските структури. Исто така, одржувањето и негувањето на добрососедските односи е императив за заедничката регионална стабилност.  

Click