Собраниско раководство

Среда, 28 февруари 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г. Абдулах Ал Новаисер, почесен конзул на Република Македонија во Кралството на Саудиска Арабија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска  оствари средба со делегација на стопанственици од Кралството на Саудиска Арабија, предводена од почесниот конзул на Република Македонија во Џеда, г. Абдулах Ал Новаисер.

Бизнис-делегацијата од Саудиска Арабија, составена од 12 успешни бизнисмени, секоја година одржува собири во различни држави од светот со една единствена цел, а тоа е откривање на потенцијални можности за проширување на нивното делување. 

Оваа година, на предлог на амбасадорот на Република Македонија за Кралството Саудиска Арабија, г. Абдулкадар Мемеди, бизнис-делегацијата одлучи редовниот годишен собир да го одржи токму во Скопје. Притоа, ја искористија можноста да се сретнат и со државниот врв на Република Македонија. 

Имајќи предвид дека 12-те бизнисмени се претставници на субјекти кои работат и надвор од границите на Саудиска Арабија и кои заедно имаат вкупно над 10 милијарди долари годишен обрт, нивната посета претставува одлична пригода и Република Македонија да ги презентира своите инвестициски можности.

Делегацијата од стопанственици се интересираше за прехранбената индустрија и за тоа дали Република Македонија може да воспостави стандарди за обезбедување солиден и континуиран квалитет на земјоделските производи наменети за извоз.

Претседателот Џафери, изрази задоволство што ваков тип на делегација е во посета на Скопје, како и длабока благодарност до почесниот конзул на Република Македонија во Џеда, г. Абдулах Ал Новаисер, за неговиот придонес и ангажман за реализираната посета и за континуираната поддршка на Република Македонија од Саудиска Арабија воопшто. 

Претседателот изрази убедување дека постои огромен простор за интензивирање на соработката на економски план, инвестициите и трговијата и дека оваа посета може да го отвори патот и за контакти на парламентарно ниво.

Претседателот Џафери нагласи дека и покрај тоа што Република Македонија е мала земја, може да понуди многу добри услови и олеснителни околности за инвестирање. Во таа насока, претседателот Џафери истакна дека во рамките на неговите надлежности, ќе се заложи за што поскоро потпишување на договор за поттикнување и заемна заштита на инвестициите и договор за слободна трговија.

Делегацијата, исто така, беше запознаена со структурата, работата и активностите на Собранието на Република Македонија.

Click