Собраниско раководство

Среда, 25 октомври 2017 година

Средба на претседателот Џафери со заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Косово, г. Беџет Пацоли

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Талат Џафери, се сретна со заменикот на претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Косово, г. Беџет Пацоли, кој престојува во еднодневна официјална посета на Република Македонија. 

Претседателот Џафери нагласи дека Република Македонија и Република Косово придонесуваат меѓусоседските односи во регионот да се издигнат на највисоко можно ниво и дека ваквите посети се потврда на тие заложби.  

Тој се осврна и на договорно правната база меѓу двете држави која наскоро треба да биде проширена со потпишување на повеќе билатерлани договори за олеснување на севкупните односи. 

Претседателот Џафери, исто така, во име на Собранието, изрази целосна подготвеност за споделување на исуствата во процесот на евроинтеграциите со колегите од Косовскиот парламент и изрази надеж дека и во Косовскиот парламент ќе биде формирана Пратеничка група за соработка со Собранието на Република Македонија.

Претседателот Џафери информираше и за актуелната политичка состојба во земјата и за настаните кои следеа по предвремените парламентарни избори во декември 2016 година. 

Министерот Пацоли изрази задоволство што границата ја поминал само со лична карта, особено поради фактот дека тоа била негова лична заложба во краткиот период додека ја извршувал функцијата претседател на Косово.

Честитајќи му го изборот на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија, изрази уверување дека г. Џафери со достоинство ќе ја исполнува оваа одговорна должност, а неговото влијание и неговата повеќедимензионална улога ги оцени како многу важни не само за земјата, туку и за регионот.

Високиот гостин од Косово ја нагласи потребата пратениците од Парламентот на Косово да ја добијат експертизата од своите колеги од Собранието на Република Македонија и меѓупарламентарната соработка да се развива на редовна основа.

Соговорниците ја потврдија и определбата за поинтензивна економска соработка и подобра инфраструктурна поврзаност.       

Click