Собраниско раководство

Вторник, 18 септември 2018 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО НОВАТА АМБАСАДОРКА НА АВСТРАЛИЈА, Г-ЃА РУТ КАРИС СТЈУАРТ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Австралија во Република Македонија, со седиште во  Белград , Н.Е. Рут Карис Стуарт. 

На почетокот на средбата, претседателот Џафери и посака топло добредојде во Република Македонија, констатирајќи дека тоа е одраз на континуитетот во пријателските односи меѓу двете земји. Посетата на министерот за надворешни работи на Австралија Бишоп минатата година, претставува дополнителен стимул за реализација на взаемни билатерални посети. Претседателот Џафери исто така изрази интерес за унапредување и интензивирање на соработката на парламентарно ниво, на ниво на претседатели на парламенти и преку групите за пријателство и соработка, кои и покрај географската дистанца, се формираат на редовна основа на почетокот на секој парламентарен мандат, на тој начин потврдувајќи го интересот на пратениците за поблиска меѓусебна соработка. Тој ја информираше соговорничката за тековните активности на Собранието на Република Македонија кое е овластен носител на јавната кампања за претстојниот референдум и за преземените чекори во однос на Евроатланските интеграции на земјата во изминатиот период.

Амбасадорката Стуарт, заблагодарувајќи се за можноста за размена на мислења, особено во овој интензивен период на меѓународни посети, искажа подготвеност да го одржи степенот на комуникација на нејзината претходничка и да даде свој придонес во подобрувањето на односите меѓу двете држави, особено на поле на образованието и испраќање на студенти од Република Македонија на универзитетите во Австралија. Таа ја потенцираше важноста од позитивен исход од референдумот, што е од интерес и за Австралија. За Договорот со Република Грција, истакна дека може да послужи за пример на успешно заокружување на преговори за целиот регион, а неговата имплементација останува клучна во следните месеци.

Присутните беа согласни дека треба да се интензивира соработката на економски план во иднина, да се олесни визниот режим за граѓаните на Република Македонија, а бројната дијаспора од Македонија во Австралија да послужи како мост во подобрувањето на целокупните врски меѓу двете земји.

Click