Собраниско раководство

Среда, 24 јули 2019 година

Средба на претседателот Џафери со новоименуваната амбасадорка на Црна Гора, Н.Е. Марија Петровиќ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, се сретна со новоименуваната амбасадорка на Црна Гора во Република Северна Македонија, г-ѓа Марија Петровиќ.

Тој ѝ посака добредојде на г-ѓа Петровиќ, како на дипломатски претставник на земја од соседството со која нѐ врзуваат пријателство и традиционално добри политички, економски и културни врски и со која делиме исти надворешно политички приоритети. Тој, исто така, потсети дека по изборот на функцијата претседател на Собранието, својата прва официјална посета ја оствари на Црна Гора, со што беше изразена силна политичка волја за продлабочување на севкупните билатерални односи како основа за поинтензивна економска соработка и поинтензивна партнерска соработка за заедничка евроатлантска иднина на целиот регион. 

Амбасадорката Петровиќ оцени дека неоптоварени со отворени прашања, двете држави претставуваат пример за успешна билатерална соработка во регионот. Таа истакна дека приоритет во текот на нејзиниот мандат ќе биде унапредувањето на економската сорботка и инфраструктурното поврзување на земите во регионот.

Поздравувајќи ја успешната соработка на регионално ниво, како Централно-европската иницијатива, процесот за соработка во Југоисточна Европа и Јадранско-јонската иницијатива, двајцата соговорници ја истакнаа важноста од евроатлантската перспектива на земјите од регионот со цел задржување на динамиката на реформскиот курс и зајакнување на регионалната безбедност и стабилност.

На крајот на средбата, претстедателот Џафери на амбасадорката Петровиќ ѝ посака успешна дипломатска мисија во Република Северна Македонија.  

Click