Собраниско раководство

Среда, 26 септември 2018 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО НОВОИМЕНУВАНИОТ АМБАСАДОР НА РУСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Н.Е. СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија, Н.Е. Сергеј Баздникин.

Претседателот Џафери му посака на новоименуваниот амбасадор Баздникин успех во извршувањето на оваа одговорна функција. Тој нагласи дека стратешки приоритет на Република Македонија со одлука на граѓаните се евроатлантските интеграции на земјата, но големо значење се придава и на унапредувањето на билатералните односи со Руската Федерација, а особено на парламентарната и економската соработка.

Амбасадорот Сергеј Баздникин истакна дека негова цел во рамките на мандатот ќе биде продлабочувањето на меѓусебната соработка меѓу Руската Федерација и Република Македонија во бројни полиња од заеднички интерес. Тој укажа на потребата за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу двете земји.

Соговорниците оценија дека интензивирањето на меѓупарламентарната соработка може да се реализира преку взаемни посети на Групите за пријателство а со оглед на тоа што таква група во Собранието на Република Македонија веќе постои, амбасадорот се заложи за забрзување на основањето на соодветна група и во Федералното собрание на Руската Федерација и тоа би бил одличен начин на размена на идеи, мислења и искуства.

На средбата стана збор и за текот на референдумската кампања чијшто овластен носител е Собранието на Република Македонија.

Претседателот Џафери и амбасадорот Баздникин изразија очекување за зацврстување и унапредување на севкупните односи меѓу двете земји, во духот на традицијата и меѓусебното пријателство.  

Click