Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок,  23 февруари 2018 година

Средба на претседателот Џафери со парламентарните стипендисти во германскиот Бундестаг

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со избраните парламентарни стипендисти во германскиот Бундестаг за 2018 година Вера Јовческа и Ева Јованова. На средбата присуствуваше и г-ѓа Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Катрин Фриинсфелд, аташе за култура и г-ѓа Марија Мицевска Кокаланова, координатор на ИПС програмата во амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Македонија.

Честитајќи им на избраните стипендисти со желби за успешно стажирање кај германските пратеници во Бундестагот, претседателот Џафери ги констатираше позитивните искуства од досегашните стажирања на ИПС стипендистите во Собранието на Република Македонија, непосредно пред нивното заминување во Германија. Исто така, претседателот Џафери ја искористи можноста да се заблагодари за одличната соработка со актуелниот амбасадор и сите досегашни амбасадори од Сојузна Република Германија и за поддршката на аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО и Европската Унија. 

Госпоѓа Фринсфелд изрази задоволство од реализацијата на денешната средба и нагласи дека размената на млади луѓе од различни земји и региони во светот заинтересирани за политиката, е од исклучително значење за Германија и во тој контекст, дека особено се ценат високите квалификации на младите кои аплицираат за оваа стипендија од Република Македонија. 

Присутните се согласија дека стажирањето на стипендистите во Собранието е одлична можност тие одблиску да се запознаат со функционирањето на Собранието на Република Македонија и подоцна да направат споредба со функционирањето на Бундестагот, но и дека по завршување на стажирањето и враќањето во Репулика Македонија, ќе ги споделат стекнатите искуства во Собранието на Република Македонија. 

ИПС е традиционална активност на германскиот Бундестаг, кој заедно со Техничкиот универзитет, Слободниот универзитет и Универзитетот Хумболт од Берлин, дава можност на млади луѓе со завршено универзитетско образование од земјите од Југоисточна Европа да се запознаат со парламентарниот систем на Германија. Во Република Македонија, проектот се реализира од 2001 година, а заклучно со програмата за 2018 година, досега од РМ учествувале 50 стипендисти. Стипендистите работат со пратеници на германскиот Бундестаг, кои имаат особен интерес за развивање на односи со земјите од Западниот Балкан, а посебно со Република Македонија. Програмата за запознавање со работењето на Собранието на Република Македонија, која започна да се спроведува од 2009 година, е десетта Програма за запознавање на овие стипендисти со работата на Собранието на Република Македонија.