Собраниско раководство

Среда, 8 ноември 2017

Средба на претседателот на Собранието, г. Талат Џафери со директорот на Одделот за парламентарни и владини програми на Националниот демократски институт, г. Скот Хубли

Денеска, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери оствари средба со директорот на Одделот за парламентарни и владини програми на Националниот демократски институт (НДИ), г. Скот Хубли. На средбата присуствуваа и амбасадорката на Швајцарија во Македонија, г-ѓа Сутер Тејада; директорот на НДИ во Македонија, г. Крис Хеншо; заменик-директорот на НДИ во Македонија, г. Скот Хејзлет и националниот програмски офицер во Швајцарската амбасада, Лилиан Кандикјан.

Претседателот Џафери го запозна гостинот со актуелните политички настани Република Македонија и со активностите на Собранието на Република Македонија. Господин Џафери ги подвлече напорите на раководството на Собранието во насока на зголемување на транспарентноста на Собранието и неговата отвореност кон невладиниот сектор, граѓанското општество и јавноста. Тој нагласи дека досега се преземени низа активности, меѓу кои, отворање на нова врска на интернет страницата на Собранието на која граѓаните може да го најават своето присуство на пленарните седници на Собранието, зголемениот број на посети на групи граѓани на обиколки на собраниската зграда, присуство на претставници од собранието на многу настани кои што се организирани од невладините организации како и најголемата до сега отвореност на Собранието да биде покровител, домаќин и коорганизатор на настани по иницијатива на граѓанското општество. Сите овие напори и заложби на раководството резултираат со подобрување на перцепцијата на граѓаните во однос на работата на Собранието, што не значи дека процесот е финализиран, напротив, сè уште е потребно да се работи и се работи на позиционирање на Собранието во однос на другите институции, но и натамошно подобрување на перцепцијата на граѓаните. 

Директорот на Одделот за парламентарни и владини програми на Националниот демократски институт, г. Скот Хубли искажа задоволство од средбата и го сподели чувството на зголемен оптимизам и позитивен тренд на движење на целокупното општество. Нагласи дека искуствата од сите заинтересирани страни, дома и во странство се несомнено полезни за сите напори кои ги прави Собранието. Тој ја нагласи подготвеноста на НДИ, ИРИ, Отвореното владино партнерство и Партнерството за демократија да ги поддржат процесите чии двигател е Собранието како институција. 

Соговорниците се осврнаа и на придобивките од изготвување на План за отвореност на Собранието кој што ќе придонесе не само за зголемување на транспарентноста во работата на Собранието, туку ќе биде и механизам за запознавање со практиките на законодавниот дом на граѓанското општество, и поттик за дополнително меѓународно признание на целокупните  реформски процеси кои што се преземаат во Собранието.   

Click