Собраниско раководство

Недела, 7 април 2019 година, Доха, Катар

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на 140. Собрание на Интерпарламентарната унија на тема „Парламентите како платформи за зголемување на едукацијата за мир, безбедност и владеење на правото“

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Образованието во човековата историја е една од најстарите цивилизациски вредности. Многу долго, образованието било привилегија само за одреден тесен слој на луѓе, а во исто време и одлична алатка за владеење врз широките, необразовани, односно неуки луѓе, без разлика дали станува збор за робовладетелски општества, феудални или друг тип на општествено уредување. По втората светска војна и формирањето на Обединетите Нации, образованието, покрај цивилизациска вредност, станува и дел од индивидуалните човекови права. Денеска во рамките на Обединетите Нации, потоа Советот на Европа како и во нашата асоцијација, имаме многу конвенции, резолуции и други акти кои го дефинираат образованието како едно од основните човекови права и слободи. Со тоа, образованието денес е дел од меѓународното право и како такво е присутно во националните законодавства на секоја држава која ги почитува човековите права. Односно, секоја држава е обврзана на своите граѓани да им обезбеди достапно и квалитетно образование.

Но, тоа е само едната страна од медалот. Образованието во денешните процеси на глобализација кои сами по себе носат многу предизвици, не смее да се ограничи само на конкретни знаења и вештини. Денеска ни се потребни луѓе кои го разбираат многу подобро современиот свет и сите предизвици кои се појавуваат. Низ образовниот процес мора да се формира личност која ќе ги почитува човековите права и слободи, која знае да го прифати другиот, различниот, без разлика дали станува збор за раса, пол, вера, етничка припадност, социјален статус, или која било друга разлика. Ако ние не ги научиме на овие вредности и стандарди, за жал, некој друг тоа ќе го искористи и ќе ги научи да мразат сè што е поразлично од нив.

Дами и господа,

Во овие глобални процеси на образовниот систем, секако дека националните парламенти имаат голема улога.  Каков образовен систем имаме на ниво на националните држави, зависи во голема мера од парламентот, преку процесот на носење на закони кои директно или индиректно го покриваат или детерминираат едукативниот процес. Но, тука не завршува нашата улога и одговорност. Парламентите имаат и надзорна функција која е многу значајна алатка со која се врши надзор и контрола како се имплементираат конкретни закони, каде се појавуваат слабости, недоречености, и врз основа на тие сознанија да се преземат конкретни мерки. Во исто време, преку таканаречената парламентарна дипломатија, како на ниво на билатерала така и мултилатерална соработка, можеме меѓу себе да разменуваме искуства и сознанија, односно да учиме еден од друг.

Дозволете во продолжение накратко да се осврнам на состојбата со едукативниот систем во Република Северна Македонија. Кај нас, според законот, образованието до ниво на средно образование е задолжително и секако бесплатно. Имајќи предвид дека ние сме мултиетничко општество, за најголемите етнички заедници, македонската и албанската, имаме обезбедено целосен образовен процес на мајчин јазик. Што се однесува до помалите етнички заедници како што се на пример ромската, турската, српската и други, државата обезбедува учениците минимум основното образование да го следат на мајчин јазик а во некои случаи имаме обезбедено и средно образование на мајчин јазик. Интенцијата е преку образовниот процес, младите покрај својата кутура, јазик и традиција, да се запознаат и со културата на другите, односно како што велиме кај нас, заедно градиме едно општество за сите, но не преку процесот на асимилација, туку преку еден современ едукативен систем. Сакам да истакнам уште една димензија. Во регионот Западен Балкан, каде што се наоѓа меѓу другите и Република Северна Македонија, во минатото имавме многу бурни периоди, за жал и воени судири кои во голема мера се темелеа токму на непочитување на човековите права и слободи, на многу предрасуди и стереотипи, за жал присутни и во образовниот процеси. Денеска, заедно со нашите соседи, преку заеднички комисии работиме на тоа да тие предрасуди, стереотипи и извитоперени историски дејства да ги отстраниме од учебниците и образовниот процес. Мислам дека ова ќе биде добро, не само за регионот туку и пошироко, а и тука националните парламенти може да имаат многу позитивен и конструктивен пристап. На овој начин, сите заедно даваме вистински придонес, образовниот процес на регионално ниво а и на  глобално ниво да биде тоа што ќе обединува и ќе биде  вистински браник пред најразличните појави на ваков или онаков радикализам. А, убеден сум дека оваа конференција и заклучоците кои ќе ги усвоиме ќе бидат во таа насока, и ќе бидат и наша обврска на ниво на нашите држави преку парламентите да ги имплементираме во секојдневието.

Ви благодарам за вниманието!

Click