Собраниско раководство

Вторник, 24 септември 2019 година, Казахстан

Обраќање на претседателот Џафери на 4. Конференција на претседатели на Парламенти на евроазиските земји на тема „Поголема Евроазија: Дијалог. Доверба. Партнерство“ 

Почитуван Претседавач на Мажилисот на Парламентот на Република Казахстан, г. Нигматулин,
Почитувани претседатели на парламенти,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Дозволете да се обратам пред вас, во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, и да ве поздравам во мое лично име и од име на пратениците, почитувани партиципанти на оваа Конференција на претседатели на парламенти на Евроазиските земји. Казахстан е домаќин на 4-тата по ред Конференција, што само по себе говори и е потврда дека овој форум, кој што е продукт на стратешката иницијатива на почитуваниот Назарбајев за градење партнерства преку целиот Евроазиски континент, веќе има консолидирани корени, кои лека полека се развиваат во прекрасно и плодно дрво кое од година во година станува се поголемо. Присуството на олку голем број претседатели на Парламенти е потврда дека пораката е примена и разбрана, односно, главната цел на овој форум е да се воспостави директен мултилатерален дијалог, а на маргините секако и билатерален дијалог помеѓу претседателите на законодавните тела на Европа и Азија, како и на лидерите на меѓународните и интерпарламентарните организации за понатамошно продлабочување и проширување на соработката на овој простор.

Почитувани присутни,

Доколку се запрашате зошто законодавните тела, одговорот е јасен, затоа што ние можеме на директен, отворен и конструктивен начин да дискутираме за развивање на нови платформи на соработка, да воспоставиме нови мултилатерални партнерства, да согледаме што е тоа што не засега подеднакво и кој би бил најсоодветниот заеднички одговор на противречностите што се појавуваат меѓу различните држави, како и колективното справување со предизвиците со кои се соочува  секоја држава поединечно на глобален план. Меѓутоа, пред сѐ и над сѐ, да откриеме и воспоставиме нови, силни мостови на соработка помеѓу земјите од двата континента и пошироко, при тоа мислам на интензивна економска соработка и трговска размена, со цел обезбедување на безбеден и одржлив развој за сите региони подеднакво, затоа што сме свесни дека има нееднаков раст и напредок на земјите. А убеден сум дека, сите тука присутни посакуваме напредок и благосостојба за секој човек, за секој граѓанин на светот, без оглед на неговата национална, конфесионална, расна, културна, социјална припадност или пол. Без дискриминација, без изолација, без подредување според приоритети, затоа што не постојат граѓани од прв и граѓани од втор ред, затоа што универзалните права и слободи и правото на достоинствен живот се гарантирани за сите.

Дами и господа,

Доаѓаме од различни држави, со различни државни уредувања, со различни билатерални и мултилатерални односи помеѓу нас, односно договорни законски рамки кои не секогаш се реципрочно воспоставени, или пак не се воопшто воспоставени. Тие нееднакви односи, произведуваат и нееднаков развој на регионите. Наша одговорност како законодавци е, да изнајдеме и овозможиме начини за взаемна заштита на интересите на нашите држави, и изнаоѓање модуси за слободно одвивање на економската соработка меѓу земјите, слободно движење на луѓето и услугите, научната, културната, образовната, медицинската, туристичката и секаква друга соработка меѓу земјите. За да се овозможи тоа, потребно е поврзување со патна, железничка, воздушна, и друга инфраструктура, меѓутоа, пред се потребен е дијалог, директен, отворен, без ракавици. Само со искрен пристап кон соговорниците, партнерите, ќе можеме да градиме и взаемна доверба помеѓу нас, а кога има дијалог, кога има доверба, тогаш напредокот и успехот е гарантиран. Да ја искористиме оваа платформа, чија цел е поголема Евроазија, меѓутоа да целиме и кон воспоставување и на други, уште поголеми платформи на соработка, на раст и развој на државите, регионите и зошто не, светот.

Драги колеги,

Имаме толку многу да понудиме како земји, имаме толку многу да учиме едни од други, толку многу да споделиме. Пред се, имаме огромен потенцијал кој се уште не е ниту половично искористен. Од друга страна, глобализацијата, покрај огромните предности, носи со себе и софистицирани закани против кои само заедничкиот, координиран одговор може да биде успешен. Затоа, да градиме мостови на доверба, да воспоставиме искрени и партнерски односи, за подобар, еднакво развиен и пред сѐ, безбеден свет за нас, за нашите деца и сите идни генерации.

Дами и господа,

Почитуван колега Нигматулин, дозволете да упатам честитки за одличната организација на конференцијата и верувам дека ќе бидеме сведоци на интересна и плодна дискусија, со едногласно усвојување на Финалниот документ односно Заедничката декларација на претседателите на Парламенти во која ќе се рефлектираат ставовите на партиципантите во насока на понатамошниот развој на Евроазискиот континент кон заедничката иднина.

Ви благодарам на вниманието.

Click