Собраниско раководство

Понеделник, 19 ноември 2018 година, Халифакс, Канада

Обраќање на претседателот Џафери на 64. сесија на Парламентарното собрание на НАТО 

Почитувана претседателка на Парламентарното собрание на НАТО, г-ѓа Раза Јукневичиене, 
Почитувани колеги, членови на Парламентарното собрание на НАТО,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Би сакал на почетокот на моето обраќање да ја поздравам поддршката на претседателката на Парламентарното Собрание на НАТО, г-ѓа Раза Јукневичиене за Република Македонија на нејзиниот пат кон НАТО Алијансата, како и ангажманот на НАТО преку испраќањето на поканата за членство на Република Македонија во НАТО пред неколку месеци. Особено радуваше фактот што во нејзината програма за работа, меѓу другото како приоритет беше наведена политиката на партнерство и на отворени врати, односно членството на државите од Западен Балкан, Украина и Грузија во НАТО. Со ваша дозвола, ќе направам една мала ретроспектива за нашата присутност во НАТО алијансата.

Република Македонија, како асоцијативна членка е присутна во Парламентарното Собрание на НАТО од 1994 година. Лично јас, во 2010 година, тогаш како пратеник, ја предводев делегацијата на Собранието на Република Македонија. Да потсетам, во овој период ние бевме и домаќини на седум сесии на Рос-Рот семинарот. Последната, 98-ма сесија се одржа во Скопје во јули оваа година. Сето ова зборува, не само за нашето формално присуство во цивилните структури на НАТО, туку заедно и со учеството на нашите војници во мировните мисии предводени од НАТО во Ирак и  Авганистан, го покажува нашиот активен придонес, се разбира во рамките на нашите можности, во зачувување на мирот кој е неделива категорија. За цело тоа време, колку и да е нашиот придонес мал или голем, има нешто што е кажано и повторено гласно од сите кои соработувале со припадниците на нашите безбедносни сили а кои се дел од мировните операции на НАТО, а тоа е дека тие се вистински професионалци со високо присвоени вредности, вештини и стандарди, еднакви на сите припадници на НАТО структурите. Тоа е потврда дека учиме, растеме и се развиваме, како безбедносни сили меѓутоа, во исто време, и како општество, и како држава. Тука, иако по образование сум војник и професионално сум бил активен офицер а подоцна и министер за одбрана, колку и да ми е при срце таа димензија, јас сепак ќе ја прескокнам воената димензија и ќе ја истакнам втората, цивилната компонента на НАТО организацијата. Односно, Република Македонија уште во 1991 година кога стана независна, самостојна држава, го избра патот по кој што ќе се движи и развива, т.е. исполнување на условите за полноправно членство во евроатланското семејство. Таа определба беше ѕвезда водилка која одигра многу позитивна улога во целокупните процеси на транзиција на државите во Југоисточна Европа меѓу кои секако е и Република Македонија. Односно, преку нејзе ние учиме и ги прифаќаме принципите и стандардите на парламентарната демократија, почитувањето на индивидуалните и колективните човекови права и слободи, владеењето на правото и правната држава. Исполнувањето на овие услови, ќе придонесе нашите граѓани да се чувствуваат рамноправни и подеднакво вредни за општеството и на тоа ќе возвратат со доверба во државните институции и лојалност кон земјата. Со правната безбедност, во пакет оди и економската безбедност, односно земјата станува атрактивна и за странските инвеститори за кои полноправното членство во НАТО е доволен доказ дека нивните инвестиции се безбедни и сигурни, а бенефитот се разбира е и за домашната економија која станува помоќна, се отвораат нови работни места и се разбира се намалува невработеноста во земјата, следствено, нашите млади се анимирани својата образовна надградба, својот професионален раст и развој и иднината на своето семејство да ги планираат тука, дома, во својата земја, И најважното, безбедноста на животот, на имотот, неповредливоста и интегритетот на границите се суштински. Токму заради овие причини, според истражувањата на јавното мислење, во Република Македонија, поддршката на граѓаните за нашето полноправно членство во евроатланските интеграции е константна и е над 75 проценти.

Дами и господа,

Нема да зборувам за тоа зошто сè уште не сме полноправна членка на НАТО. Нема да зборувам за Самитот во Букурешт, кога Република Македонија беше блокирана и не стана полноправна членка на НАТО, иако тогаш заедно со Албанија и Хрватска ги исполнивме условите за прием. Сакам да зборувам за сегашноста и накратко да ја претставам актуелната состојба во Република Македонија а која е директно поврзана со остварувањето на нашите стратешки цели, а тоа се членството во НАТО и Европската Унија.

Општо е познато дека добрососедските односи, решавањето на отворените прашања и следствено, консензуалното одлучување претставуваат conditio sine qua non (кондицио сине ква нон) за непречен влез во НАТО алијансата. Поаѓајќи од потребата за отстранување на овие реални пречки, актуелното парламентарно мнозинство и Владата на Република Македонија, со поддршка на граѓаните, заеднички зазедоа став и преземаа пред сè, храбри и визионерски чекори во насока на надминување на овие пречки кои го блокираа нашето интегрирање во НАТО и ЕУ. Прво се потпиша Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија со кој се афирмираа постојните силни врски и се отвори вратата за уште поблиска соработка во различни области, од инфраструктура па се до култура а потоа, на почетокот на летото, после долги  27 години спор, министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција, го потпишаа конечниот Договор за решавање на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу двете земји или, таканаречениот Преспански договор. Со овој Договор е создадена рамка за дефинитивно решавање на овој спор кој ги оптоваруваше билатералните односи помеѓу Атина и Скопје, односно, оневозможуваше воспоставување на нормални дипломатски односи и развивање на природни, добрососедски односи и соработка со непосредниот сосед. Потпишувањето на овие договори, кажано метафорично, ја врати и државата и нашето општество повторно на евроатланскиот колосек. Се разбира дека не беше лесно, имаше сомнежи и неверување, постигнувањето компромис никогаш не е лесно, секогаш ќе има некој незадоволен меѓутоа, не смееме да гледаме на тоа како на победничка и губитничка страна. Сите ние сме победници, затоа што отворивме пат на разумот да дојде до решение прифатливо за двете страни. Иако, морам да кажам дека и понатаму нема да биде лесно сепак, докажавме дека кога се има волја, кога се има визија за иднината, сè се може, дури и да се поместат планини, затоа што состојбата на status quo (статус кво) на моменти, искрено речено, беше фрустрирачка и неа најмногу ја чувствуваа нашите граѓани. Покрај тоа, ваквата состојба имаше импликации врз состојбите во регионот на Западен Балкан а и пошироко. Полноважноста на Договорот е предвидена по заокружување на неколку фази или процедури. Најпрво се ратификуваше Договорот во Собрание на Република Македонија за потоа да следи референдумското изјаснување на граѓаните по прашањето на прифаќање на Договорот од Преспа кој би го отворил патот до членство на државата во ЕУ и НАТО структурите. Знаете дека референдумот, заради бојкотот на опозицијата не го исполни потребниот цензус на излезност меѓутоа, факт е дека мнозинството од над 630 илјади граѓани што излегоа да гласаат, со својот глас го подржаа договорот со соседна Грција, односно дадоа поддршка за уставните промени кои се налагаат со имплементацијата на овој договор.

Додека сум тука, сакам да ве известам дека во Собранието на Република Македонија е веќе започната постапката за промена на Уставот на Републиката и во моментов Уставната комисија ја има завршено дебатата по амандманите доставени од Владата и истите се проследени на понатамошна процедура пропишана со Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија. Следна фаза е широка јавна расправа по нацрт амандманите во која ќе учествуваат најразлични општествени субјекти од академската и експертската јавност, невладиниот сектор, бизнис заедницата и така натаму. На овој начин сакаме овие значајни промени да бидат пред сè разбрани и поддржани од широк круг граѓани како и од најразлични општествени и политички субјекти. Сепак, не би сакал да ве оптоварувам со процедурите, само сакам да ве запознам со еден многу значаен факт а тоа е дека, за започнување на самата постапка за уставни промени, покрај парламентарното мнозинство гласеше и дел од опозицијата, бидејќи во моментов поголем дел од опозицијата се уште не го поддржува договорот со соседна Грција. Ситуацијата не се разликува ниту во Атина меѓутоа, со одминување на секој ден, се чувствува промената во перцепцијата на овој нов момент во развојот на нашата млада држава, и јас верувам дека прогресивните, визионерските и вистинските родољуби ќе го направат вистинскиот потег за понатамошен сигурен напредок на Република Македонија и на крај, кога ќе треба амандманите да се усвојат во Собранието и да станат составен дел на Уставот, можеби нема да имаме целосен консензус меѓутоа, голем дел од опозицијата ќе гласа за уставните промени. Потоа е ред на Република Грција, односно ратификација на Договорот во грчкиот парламент, известување на претседателот на Советот на ЕУ дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на Македонија и известување на Генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка да се упати покана за пристапување на Македонија во оваа структура. Ова ќе значи исполнување на стратешките определби на Република Македонија, усвоени уште од независноста во 1991 година, ова ќе значи исполнување на целта за која работеле и придонесувале сите минати и актуелни носители на власта во земјата.

Почитувани колеги,

Американскиот претседател Хари Труман, кој е еден од креаторите на НАТО алијансата во далечната 1949 година има речено, цитирам:„Прогресот се јавува кога храбри и вешти лидери ќе ја искористат приликата да ги променат работите на подобро“ и додал:„Луѓето ја прават историјата, а не историјата луѓето“.

Мислам дека во моментов, не само во Скопје и Атина, туку и во другите држави во регионот има такви лидери. Приликите се тука пред нас, а тоа се токму евроатланските интеграции, односно членство во НАТО и Европската Унија. Да не заборавиме дека интеграциските процеси придонесуваат дефиницијата за „Балканот како буре барут“, полека но сигурно да замине во историјата, а верувам дека сите ние кои живееме на Балканот сме ја научиле историската лекција и во иднина ќе бидеме оаза на мирот, регионалната соработка и добрососедските односи.

Би било нескромно ако во оваа прилика, пред овој почитуван форум не ја спомнам големата помош која мојата држава но и регионот ја добиваме од НАТО алијансата како организација, меѓутоа и поединечно од државите членки, преку најразлични проекти. Секако, не мислам само на материјалната помош која е и тоа како значајна, туку мислам на помошта за полесна и поефикасна имплементација на потребните реформи во сите сегменти од општеството и државата. Таа помош не може да се изрази во пари, а придобивките ги чувствуваме ние но, ќе ги чувствуваат уште многу други генерации кои ќе дојдат после нас.

Затоа, дозволете во оваа прилика да изразам благодарност како до НАТО алијансата, така и поединечно до секоја земја членка на овој сојуз. Во исто време, сакам уште еднаш да ве уверам дека, нашите обврски за полноправно членство ќе ги завршиме во предвидениот рок и се надевам дека до година во ова време, ќе бидеме триесеттата полноправна членка на ова семејство.

Ви благодарам.

 

Благодарница од Меделин Мун, претседател на ПС на НАТО, до претседателот на Собранието, Талат Џафери 
     (Благодарница)

Click