Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Среда, 27 јуни 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на 98. РОС-РОТ семинар 

Почитуван господин Паоло Али, претседател на Парламентарното собрание на НАТО, 
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани членови на Владата, 
Ваши екселенции,
Дами и господа,

На самиот почеток, би сакал на нашите гости да им посакам пријатен престој кај нас, а секако и на сите учесници, да им посакам успешна работа. 

За мене, како претседател на Собранието на Република Македонија, е посебно задоволство што откако во 1994 година станавме асоцијативна членка на Парламентарното собрание на НАТО, сега, веќе по седми пат, Собранието на Република Македонија е домаќин на Рос-Рот семинарот. Задоволството е уште поголемо, бидејќи семинарот се одржува во овој, за нас, историски моментум. Имено, сите знаеме дека по речиси 27 години, најдено е заедничко прифатливо решение со Владата на соседна Грција околу спорот кој беше и главната пречка зошто Република Македонија сè уште не е членка на НАТО алијансата, иако уште на самитот во Букурешт требаше да бидеме примени заедно со Хрватска и Албанија.

Темата на овој 98-ми по ред Рос-Рот семинар е „Евроатланската интеграција на Западен Балкан: зајакнување на Европскиот мировен процес“. Дозволете да ве потсетам на 75. Семинар, кој се одржа во 2010 година овде во Скопје, и на кој, меѓу другото, дискутиравме за решавањето на билатералните спорови во регионот, а со тоа и отворање на евроатланската перспектива на целиот регион. Патем, јас тогаш бев пратеник и ја предводев нашата Делегација во Парламентарното собрание на НАТО. Тогаш истакнав дека токму евроатланската интеграција е прашање кое треба сите во регионот да нè обедини, но и дека тоа е прашање кое не смее да ги остави рамнодушни и другите држави во Европа, кои се залагаат за просперитет, мир и стабилност, вредности подеднакво значајни за сите. И денес, благодарение на волјата и зрелоста на сите нас кои живееме во Регионот, меѓутоа и ангажираноста на нашите меѓународни пријатели, Западен Балкан не е веќе симболично кажано „буре барут“. Да потсетам дека неодамна во Атлантскиот клуб, како полноправен член беше примена Црна Гора. Понатаму, Белград и Приштина, иако имаат многу отворени прашања, сепак и двете страни многу јасно истакнуваат дека само преку дијалог можат да се решат сите прашања. Понатаму, во таа нова конструктивна клима во регионот, секако се вклопува и фактот дека Република Македонија неодамна потпиша и Договор за пријателство со соседна Бугарија, со кој се надминати сите антагонизми кои ги оптоваруваа билатералните односи, а посредно и состојбата во Регионот. Јас сум убеден дека Договорот кој го потпишаа премиерите на Република Македонија и Република Грција, Заев и Ципрас, најдоцна до крајот на годинава ќе биде имплементиран од двете страни во целост, и ние веќе во декември оваа година или на почетокот на јануари, ќе станеме триесетта, полноправна членка на НАТО.

Дами и господа,

Кога ќе се спомне НАТО-алијансата, секогаш првата мисла е воена организација, односно воена сила и моќ. Сепак, сите знаеме дека НАТО има и многу значајна цивилна димензија, преку која се обезбедуваат темелни принципи и стандарди на парламентарна демократија, почитување на човековите права и слободи, владеење на правото и правната држава. Таа димензија се манифестира преку Парламентарното собрание на НАТО, во чии рамки е и Рос-Рот семинарот.

Иницијативата за формирање на Рос-Рот семинарот имаше многу значајна улога во процесите на транзиција во државите од Југоисточна Европа, меѓу кои и во Република Македонија, по големите промени што се случија со паѓањето на Берлинскиот ѕид. Токму и оваа сесија на Рос-Рот семинарот е посветена на таа цивилна, односно демократска димензија. Имено, остварувањето на човековите права и слободи, владеењето на правото и правната држава, функционирањето на вистинската парламентарна демократија во која се соочуваат најразлични политички програми и преку дијалог се доаѓа и до најоптимално решение кое е во интерес, пред сè, на граѓаните, се темели врз кои се гради стабилноста на секоја држава. Ништо помалку важно за стабилноста на секоја држава, но и пошироко, не е и невладиниот сектор, како и слободата на медиумите, отвореноста и транспарентноста на државните институции кон медиумите, но и почитување на професионалните стандарди во медиумскиот простор. Само така можеме сите заедно да одговориме на предизвиците кои го загрозуваат мирот, без разлика дали станува збор за тероризмот, организираниот криминал или миграциите и бегалската криза. Верувам дека во текот на расправата ќе слушнеме многу интересни, а исто така и корисни размислувања и решенија за сите овие прашања.

Почитувани колеги,
дами и господа,

Тука би го завршил овој мој краток увод за да можеме останатото време да го искористиме за отворање на дијалог кој ќе се темели врз ваши прашања и размислувања, а јас ќе се обидам отворено и политички искрено да ви одговорам.

Повелете!