Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Понеделник, 27 октомври 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на отворањето на Научната конференција за аерозагадување

Почитувани претставници на академската сфера,
Почитувани претставници на невладиниот сектор,
Ваши екселенции,
Дами и господа,
Почитувани присутни,

„Мисли глобално, делувај локално“ е мотото во делувањето на повеќето зелени невладини организации и зелените политички партии. Сметам дека овој начин на размислување, ако сакате и филозофија на живеење, треба да е основата на еколошката свест, а со тоа и на грижата за животната средина на секој човек на планетата Земја. Лично, ценам дека како што мирот е неделива категорија, така и заштитата на човековата средина, односно грижата за нашата планета е неделива категорија.

Почитувани, 

Штотуку завршија локалните избори на кои токму екологијата беше една од главните теми во кампањите, посебно во програмите на кандидатите за градоначалници во поголемите градови. Во тие рамки, посебно беше истакната аерозагаденоста како еден од најголемите проблеми во урбаните средини во Македонија. Заради времето и важноста од потребата за сеопфатна дебата и донесување заклучоци, нема во детали да се осврнувам на влијанието на аерозагадувањето и климатските промени врз луѓето и воопшто животната средина, но дозволете да го нагласам своето уверување дека вашата Научна конференција се одржува во вистинско време и на новоизбраните градоначалници и општински совети ќе им даде соодветни упатства, заклучоци, но и научни сознанија и конкретни мерки за нивните активности во периодот којшто следи. 

Лично, како претседател на Собранието на Република Македонија, сакам да ве уверам дека секогаш, во рамките на моите надлежности, ќе застанам зад секоја иницијатива или предлог којшто ќе биде во функција на намалувањето на аерозагаденоста и воопшто заштитата на човековата средина. Во исто време,  верувам дека во овој мандатен период парламентарното мнозинство и опозицијата ќе имаат политичка волја, преку парламентарните механизми: комисиски и јавни расправи, усвојување законски решенија, надзорни расправи, да го реализираат мотото на екологистите. 

Со ова уверување, дозволете вашата Конференција да ја прогласам за отворена, да ви посакам успешна работа и плодна дискусија, а во исто време уште еднаш да апелирам до властите на локално ниво и на ниво на држава да ги реализираат вашите заклучоци, размислувања и предлози во пракса.   

Ви благодарам.