Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок, 2 март 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Втората средба на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и претставниците на органите и институциите кои испраќаат годишни извештаи до Собранието 

Почитувани колеги пратеници,
Дами и господа,
Ваши екселенции,
Почитувани медиуми,

Можеби ќе звучи невообичаено што на самиот почеток на денешната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, пред сите нас ќе го поставам прашањето или, ако сакате, дилемата - дали Собранието на Република Македонија се движи во правец кој обезбедува целосно остварување на принципите на современиот парламентаризам и парламентарна демократија? Секако, дилемата или прашањето се однесува пред сè на остварувањето на надзорната улога на Собранието врз извршната власт. Според мене, убеден сум дека како Собрание сме на правиот пат, иако можеби сè уште одиме со мали чекори кон таа цел. И, ќе појаснам дека ова го мислам првенствено како пратеник, а потоа како претседател на Собранието.

Да потсетам дека овој месец, преку разни форми и настани, токму надзорната улога на Собранието е во фокусот на нашиот ангажман како пратеници. Притоа, мора да ја истакнеме сесрдната улога и помош која ја добиваме од нашите меѓународни пријатели. Имено, во Вилтон Парк, посебен акцент беше ставен токму на дебатата за надзорната функција на Собранието. Мината недела кај нас се одржа Интерпарламентарна конференција на Комисиите за финансирање и буџет од парламентите на државите од регионот со присуство на пратеници и експерти од Европскиот парламент, на која се расправаше токму за контролата на Собранието врз буџетот, и тоа од фазата на неговото полнење па сè до контролата врз трошењето на буџетот.

Почитувани колеги,

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, некаде во ноември 2017 година, донесе заклучок со кој ја утврди потребата од стандардизација на извештаите на органите и институциите кои имаат законски основ да доставуваат извештаи до Собранието, а кои се во надлежност на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците а такви на број се 12 институции. Секако дека целта на овој заклучок е преку стандардизираната форма на извештаите да се зголеми ефикасноста во работата на независните институции, но во исто време и ефикасноста на Собранието и неговите работни тела, конкретно на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Убеден сум дека со ова правиме неколку квалитетни чекори напред. Ова, не само што ќе влијае врз институциите, туку ќе придонесе за поквалитетна отчетност, а преку тоа и до подобро разбирање и зголемена доверба на јавноста врз работата на независните институции. Секако дека ова ќе има позитивен импакт и врз понатамошното јакнење на надзорната функција на Собранието врз овие институции.

Во целиот овој процес на стандардизација на извештаите на независните институции како и јакнењето на надзорната функција на Собранието, активно е вклучена Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која, ако можам така да речам, е наш традиционален партнер и поддржувач во овој, меѓутоа и во многу други проекти и процеси кои водат кон јакнење на демократскиот капацитет на Собранието.

И, да се вратам на почетокот од моето излагање и на поставеното прашање, односно дали сме на вистинскиот пат? Лично, верувам дека ова парламентарно мнозинство има политичка волја и капацитет за натамошно јакнење на парламентарната демократија кај нас. Притоа, клучна улога, но и одговорност има Собранието, преку остварување на своите три основни функции, законодавната, претставничката и надзорната, односно контролата врз извршната власт. Сакам да верувам дека и опозицијата, исто така, сака, пред сè, независен парламент, со силна надзорна функција врз извршната власт. Имено, на тој начин опозицијата ќе може да биде активен чинител во контролата врз извршната власт, а во исто време и многу поефикасно ќе може да ги артикулира своите програмски интереси и заложби, за што добила и гласови од избирачкото тело. Сепак, во исто време, како парламентарна опозиција, ќе треба да преземе и дел од одговорноста за целокупните демократски процеси во државата, и за предизвиците кои стојат пред овој парламентарен состав.

Затоа, и денешната седница на Комисијата за политички систем јас ја гледам како, можеби на прв поглед мал, но сепак квалитетен придонес во натамошното јакнење на демократскиот капацитет на Собранието, без разлика дали сме дел од мнозинството или од опозицијата. Покрај тоа, ова претставува и пример на позитивна практика која треба да се следи и од другите работни тела во Собранието. Убеден сум дека како што било и досега, и отсега, мисијата на ОБСЕ и сите други наши меѓународни пријатели ќе ни помогнат на несебичен начин.

Ви благодарам на вниманието.