Собраниско раководство

Петок, 7 септември 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери по повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија

Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници од првиот состав на Собранието на Република Македонија,
Почитувани колеги пратеници, министри, претставници на верските заедници,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Осми септември, заедно со двата Илиндена како што народски ги нарекуваме, се троножецот врз кој е поставена и се развива Република Македонија. Ако генерациите илинденци од Илинден 1903 и Илинден 1944 година се бореа храбро, решително и визионерски, а многу од нив при тоа ги дадоа и своите животи, граѓаните на 8-ми септември 1991-ва година исто така храбро, визионерски и масовно гласаа на референдумот и се определија за независна и самостојна Република Македонија. И пратениците од првиот состав на Собранието, храбро и визионерски ја преточија оваа референдумска одлука во Уставно-правна рамка со што Република Македонија и од страна на меѓународната заедница беше препознаена како суверен и самостоен меѓународен субјект. Затоа, дозволете ми вечерва од свое име, од името на сите присутни а убеден сум дека зборувам и од името на целокупната јавност, да изразам благодарност до пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија.

Дами и господа,

Пред дваесет и седум години, токму овде во Собранието беа поставени и стратешките цели на Република Македонија, а тоа се евроатланските интеграции. Тоа е стратешка определба која и тогаш, а и сега ужива голема поддршка кај нашите граѓани. Декларативно, за евроатланските интеграции се изјаснуваат сите парламентарни партии, што се гледа и преку повеќето резолуции и декларации усвоени токму овде во Собранието.

Почитувани пријатели,

Во овие 27 години на самостојност се направени многу работи на внатрешен план. Денес Македонија е држава на рамноправни граѓани, држава во која се почитуваат како индивидуалните, така и колективните човекови права. Општество функционира како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално и како такво претставува позитивен пример, како за регионот така и пошироко. Затоа, убеден сум дека и покрај големите предизвици низ кои поминавме, денеска сме многу блиску до остварување на нашите стратешки определби поставени уште пред 27 години - полноправно членство во ЕУ и НАТО. 

Дами и господа,

Не морам да ве потсетам дека со потпишувањето на Договорот за пријателство со Република Бугарија и Договорот од Преспа кој во присуство и со поддршка на премиерите на Република Македонија и на соседна Грција, господата Заев и Ципрас, го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји, ширум ни е отворена вратата за полноправно членство во НАТО и за добивање на датум за отпочнување на преговорите за полноправно членство во Европската Унија. Актуелното парламентарно мнозинство, преземајќи ја врз себе целокупната политичка одговорност, донесе одлука да на 30-ти септември се одржи референдум кој се однесува на договорот од Преспа. Носител на кампањата за претстојниот референдум е Собранието на Република Македонија, односно пратениците и пратеничките групи, што е уште еден доказ за демократскиот капацитет на овој мандатен состав.

Во оваа свечена пригода, би сакал уште еднаш да се обратам до политичките лидери, до колегите пратеници, а пред сè до граѓаните. На 30-ти септември, секој од нас има можност со својот глас да ја определи својата сегашност, но и својата иднина, како и иднината на генерациите кои доаѓаат. Секој од нас, на 30-ти септември треба да се потсети на нашите предци кои мудро процениле што е добро за нив, но уште повеќе знаеле одговорно да се однесуваат кон генерациите кои доаѓале после нив. Се потврдило дека храброста, решителноста и визионерството се дел од нашето битие, без разлика на која етничка група припаѓаме или, која вера ја практикуваме. Во оваа свечена прилика, би сакал да додадам уште нешто: секогаш сме знаеле да се почитуваме меѓу себе, затоа, би апелирал до оние кои ќе ја водат кампањата, нека биде позитивна и без навреди и дисквалификации на оној кој размислува различно од нас. Затоа, убеден сум дека на 30-ти септември, ние граѓаните, ќе постапиме одговорно, ќе излеземе масовно да гласаме на референдумот и со нашиот глас ќе обезбедиме стабилна сегашност и многу подобра иднина, во заедница со другите европски народи на кои културно и цивилизациски припаѓаме. 

Драги пријатели, да го прославиме следниот 8-ми Септември како полноправна членка на НАТО и во интензивни преговори со Европската Унија.

Ви благодарам.

Click