Собраниско раководство

Четврток, 23 ноември 2017 година, Пореч, Хрватска

Обраќање на претседателот Џафери по повод откривањето на споменикот на Мајка Тереза 

Дами и господа,
Ваша еминенција, Кардинал Ернест Симони Трошани (Ernest Simoni Troshani),
Почитувани присутни,

Навистина ми претставува огромно задоволство што денеска присуствувам на свеченото откривање на споменикот на светицата Мајка Тереза, овде во Пореч.

За нас Албанците, без разлика каде живееме и на која вера ѝ припаѓаме, а верувам и за секој хуман човек, блажената светица Мајка Тереза е симбол на безгранична хуманост, на љубов и грижа токму кон оние луѓе кон кои животот бил немилосрден.

Мајка Тереза е родена во Скопје, на 26 август 1910, како Гонџа Агнес Бојаџиу, во познато албанско семејство. На свои 18 години, заминува преку Загреб во Даблин, каде што се приклучува на сестрите од Лорето, а веќе во 1928 година, заминува во мисионерска мисија во Калкута, каде што делува до крајот на својот живот. Во 1950 година, во Калкута го основа мисионерскиот ред „Мисионерки на љубовта“, и сестрите од тој ред се денес присутни ширум светот, а и во Македонија. Нејзината хуманост, нејзината грижа за оние кои освен голиот живот немаат ништо друго, брзо се шири, не само во Калкута, Индија, туку низ целиот свет. Токму затоа, во 1979 година ја добива Нобеловата награда за мир, а во 1980 година е прогласена за почесен граѓанин на Скопје. 

Сакам особено да истакнам дека ликот и делото на Мајка Тереза и денеска силно се чувствува и се чествува, не само кај Албанците, туку и кај сите граѓани на Република Македонија.

Ако ми дозволите, на крај би спомнал една нејзина изјава. Кога ја прашале, што треба да се направи за да се зачува и унапреди мирот во светот, Мајка Тереза одговорила „Одете дома и сакајте го своето семејство“. Нека ни биде оваа мисла на Мајка Тереза водилка и денес, бидејќи е исто толку актуелна како и во далечната 1979 година.

Ви благодарам на вниманието!

Click