Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок, 6 јули 2018 година, Струга 

Обраќање на претседателот Џафери по повод отворањето на 27. Фестивал на преработени и стилизирани песни „Кенге јехо“

Почитуван министер за култура, г. Адеми,
Екселенции,
Почитуван градоначалник на Струга, 
Почитувани организатори на Фестивалот,
Учесници на Фестивалот, 
Драги пријатели, љубители на народните песни и ора, 
Почитувани стружани и медиуми,

Задоволство ми е вечерва да бидам тука помеѓу вас, тука во Струга, покрај Црн Дрим, во својство на претседател на Собранието на Република Македонија, опколен со вас, љубители на убавите народни песни и ора.

Традиционалниот фестивал на преработени и стилизирани песни „Кенге јехо“ и оваа година, по 27-ми пат ги собира истакнатите уметници од сите албански краеви, кои на отворената сцена ќе ги претстават уметничките, кореографските, костимографските, како и етнокултурните национални албански вредности.

Оваа година горд сум и поради фактот што Собранието на Република Македонија е поддржувач на овој културен настан којшто е додадена вредност во летната културна понуда на овој град кој дише и живее со песните, фолклорот и ората, кои се универзална цивилизациска категорија, односно се дел од светското културно наследство. Сепак, во исто време, тие претставуваат значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет.

И денес, вечерва, ќе можеме да ги проследиме со огромно задоволство вредностите кои нашите предци успеале да ги сочуваат низ векови, ги развивале и успеале да ги пренесат до младите генерации како дел од нашиот национален и културен идентитет, меѓутоа сега преработени и стилизирани.  

И сега, без да губиме многу време, им посакувам на сите учесници впечатлив престој во прекрасната Струга, преполн со убави песни и ора, со верба и надеж дека споменот за бескрајната убавина на Струга и Црн Дрим ќе го чуваат во срце, а на гостите и граѓаните на Струга им посакувам пријатно слушање и следење на трите фестивалски вечери и во оваа пригода го прогласувам за отворен 27-миот традиционален Фестивал на преработени и стилизирани песни, со желба да живее и да доживее уште многу прослави!

Ви благодарам на вниманието.