Собраниско раководство

Четврток, 24 октомври 2019 година, Стразбур

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на Европската конференција на претседатели на парламенти на тема „Нашиот заеднички европски дом: следните 70 години“

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Дозволете во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да го честитам одбележувањето на 70 годишнината од основањето на Советот на Европа, водечката организација за човекови права во континентот во која членуваат 47 европски земји кои освен тоа што се наоѓаат на заеднички континент, имаат уште едно нешто заедничко и многу важно, односно, потписнички се на Европската конвенција за човекови права која што конвенција всушност е договор за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Република Северна Македонија е членка од 1995 година и за цело тоа време активно соработува со сите тела на Советот на Европа.

Од основањето на Советот досега, се случиле многу промени, како на политички, така и на географски план. Првичната идеја за Европа како заеднички дом на сите, може слободно да се рече дека сега е проширена надвор од границите на европскиот континент. И зошто да не биде така, кога принципите врз кои што функционира и кои ги прокламира Советот се оние на Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, организација во која безмалку членува целиот свет. Светот во кој што живееме се разликува од светот кога се основал Советот, меѓутоа основите се истите демократски и суштински, односно, владеење на правото и почитување на човековите права и слободи. При тоа, сите луѓе, без исклучок имаат право на слободен, достоинствен живот во кој нема да им биде оспорено правото на слободен живот, слобода на движење, работење и творење, остварување на права и фер и еднаков третман пред правосудните органи и државните институции. За тоа да биде така, потребно е да се почитуваат демократските права и принципи кои се одамна востановени и прифатени од земјите потписнички на меѓународните конвенции. Меѓутоа, најважно е тоа да се почитува и практикува од сите. Затоа што, реално, сите ние како човечки битија, како индивидуи имаме свои посебности, свои карактеристики, аспирации и желби, понекогаш реални, понекогаш можеби нереални, меѓутоа битно е тие да бидат засновани на заедничките вредности и принципи. Да не дозволиме да има поделби, да не дозволиме да има граѓани од втор, трет ред затоа што, хранењето на тие демони, подржувањето на нови, своеглави и егоцентрични лидери кои ќе го пренабрегнат општото добро за постигнување на своите егоистични цели, нема да донесе ништо добро за никој. Различностите се убави само кога се дел од некој мозаик од кој се составува цела слика во која нема линии на поделби и раздори. Во спротивно, сликата ќе биде тмурна и тажна, полна со болка која знам, на младите генерации не им е позната и се надевам нема да ја запознаат никогаш, меѓутоа, сите ние кои некогаш сме ја вкусиле таа горчина, или пак ја проживеале и ни ја прераскажувале нам нашите татковци или дедовци, имаме морална обврска да не дозволиме да ја почувствуваат ниту сегашните, ниту идните генерации. Имаме обврска да ги научиме да живеат заедно едни со други, не едни покрај други, да сочувствуваат со радоста, меѓутоа и со болката на другиот затоа што пред се, и над се, сите сме граѓани на овој свет кој, колку и да се чини комплексен и тежок, сепак, ако се постави врз вистинските вредности на взаемна почит и разбирање, може да биде многу едноставен и убав. И целта на основањето на Советот на Европа била токму таа, да се обединат различностите, да се почитуваат особеностите, меѓутоа, да се најде заедничка платформа врз која ќе се развиваат и унапредуваат соработката и разбирањето меѓу државите, народите и луѓето со цел креирање на поубав заеднички дом за сите, дом во кој секој ќе се чувствува рамноправен и заштитен, без национална, расна, религиска, економска, социјална, културна, родова, сексуална или каква било друга дискриминација. Свет во кој секој има еднакви шанси за образување, за лекување, за работење, и за креирање, свет во кој секој има право на чиста животна средина и чист воздух. Зарем постои нешто поубаво од задоволни граѓани кои својата земја ја чувствуваат свој дом, работат и придонесуваат за нејзиниот напредок и развој.

Почитувани,

Република Северна Македонија, нејзините граѓани, државните и јавните институции, политичките чинители на власт и во опозиција, невладиниот сектор и целиот човечки потенцијал, низ сите турбулентни периоди кои се чини дека се составен дел на поднебјето на Балканот, секогаш биле доследни на ратификуваните Универзални конвенции за човекови права и слободи и тие се вградени во Уставот на земјата од нејзиното осамостојување и целосно се почитуваат, затоа што тоа е гаранција за мирот дома, за безбедноста во регионот и пошироко во светот. Република Северна Македонија работи многу на полето на унапредување и зајакнување на добрососедските односи затоа што веруваме дека, заедно како региони, можеме да испратиме повеќекратни пораки на заедништво и моќ во справување со современите закани кои без селекција тропаат на сечија врата, било да е помала или поголема држава. Глобализацијата, технолошкиот напредок и се пообемното користење на социјалните медиуми како средство за комуникација, ширење на лажни или вистинити информации, креирање на политики и јавно мислење на се пософистицирани начини и методи, бара од нас да истражуваме и наоѓаме поефективни методи за спречување на штетите што може да ги нанесе овој начин на деструктивно однесување. Зачувувањето на тој мир и обезбедувањето на достоинствени услови за живот е наша одговорност.

Дами и господа,

Верувам дека сите сте веќе информирани, свесни за последните настани во однос на нашите очекувања за добивање на датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија, нешто што за жал не се оствари и покрај неколкуте последователни извештаи во кои се нотираше позитивниот напредок на Република Северна Македонија. И за време на самитот на ЕУ беше потврдено истото од земјите членки на ЕУ дека ние ја исполнивме доследно нашата домашна задача, меѓутоа тука престанува нашиот маневарски простор (да се изразам војнички). Познат ни е принципот на донесување одлука во ЕУ, односно тоа мора да биде со консензус од сите земји членки. Ако се постави прашање дали аргументите за не доделување датум држат или не, јас ќе се воздржам од коментар. Меѓутоа ако се прашувате како и по кој пат продолжуваме оттука натака, можам одговорно и сигурно да ви кажам - за нас не постои друга алтернатива освен таа што е зацртана од осамостојувањето на земјата, односно полноправно членство во ЕУ и НАТО, уште поревносно продолжување со реформите, за доброто на нашите граѓани, за напредокот и развојот на нашата земја, за Европа во Република Северна Македонија.

Драги колеги, ви благодарам на вниманието!

Click