Соопштенија

Понеделник, 28 јануари 2019 година

Парламентарна делегација на Конференција „Комуникација со граѓаните, како да се развие сеопфатна комуникациска стратегија од Парламентот“

Утре, во Брисел, ќе се одржи интерпарламентарна конференција на тема: „Комуникација со граѓаните, како да се развие сеопфатна комуникациска стратегија од Парламентот“, организирана од Групата за поддршка на демократијата и координација на изборите во соработка со Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

На конференцијата учествува и делегација од Собранието на Република Македонија во состав: Павле Богоевски, Иван Иванов, Агим Шаќири и Зеќир Рамчиловиќ. 

Европратеникот Едвард Кукан ќе ја отвори конференцијата. Теми на кои ќе бидат разменети мислења и искуства се: политика за комуникација со ЕП, комуникациската стратегија на ЕП за изборите за ЕП 2019 година, како парламентот може да го следи јавното мислење, како парламентот да се бори со лажните вести, Европскиот парламент и медиумите: услови обезбедени за новинарите, Европскиот парламент и граѓаните: директни канали на комуникација. 

Свои излагања и дебати ќе имаат генералниот директор за комуникации и портпарол на Европскиот парламент, претставници од Генералниот директорат и европратеници. 

Еден од постулатите на работењето на Собранието на Република Македонија е целосна транспарентност и отвореност. Лажните вести и во Република Македонија се сериозен проблем, бидејќи со нив намерно се извртува и манипулира вистината. Затоа е неопходно редовно информирање и целосна транспарентност во работењето.

Click