Активности

Вторник, 9 април 2019 година

Активно учество на собраниската делегација на 140. Собрание на ИПУ

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Интерпарламентарната унија (ИПУ) активно продолжува со учеството на 140. Собрание на ИПУ, што се одржува од 6 до 10 април 2019 година во Доха, Катар.

Пратеничката Јулиана Николова учествуваше на седница на Третата постојана комисија за демократија и човекови права и имаше излагање на дебатата на тема: „Постигнување на  универзално здравствено покривање до 2030 година - улогата на парламентите за гарантирање на правото на здравје“.

Таа посочи дека во Република Северна Македонија на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а Собранието, како највисок преставнички дом на граѓаните и носител на законодавната власт, има главна улога во креирањето и спроведувањето на законите кои го определуваат и го имплементираат ова уставно загарантирано право. Постигнувањето на универзално здравствено покривање е поставено како една од приоритетните цели на Владата на Република Северна Македонија за 2019 година, а активно се спроведува и „Програмата за здравствена заштита ориентирана кон заедницата на сите нивоа“.

Пратеничката Николова нагласи дека Комисијата за здравство на Собранието на Република Северна Македонија има истакната улога во остварувањето на стратешките цели, а преку нив и гаранирањето на правото на здравје.

Таа предложи и специфични парламентарни акции, кои би можеле да се спроведат во насока на постигнување на  универзално здравствено покривање. Како одговорни за разгледување и усвојување на националниот буџет, парламентите имаат можност да се справат со негативните влијанија на социјалните детерминанти на здравјето, преку распределба на финансиските ресурси. Тие, исто така, можат да ги повикаат претставниците на извршната власт и меѓународните партнери за финансирање да направат чекор повеќе и од „реторика“ да преминат на дела, односно целосно да ги спроведуваат програмите, кои ќе помогнат во постигнувањето на договорените цели. Николова посочи дека парламентите треба активно да работат на парламентарно вмрежување, односно градење на врски меѓу парламентите, парламентарните тела, владите и недржавните играчи во областите поврзани со здравството.

На седница на Четвртата постојаната комисија за прашања на Обединетите нации учествуваше пратеникот Диме Велковски, кој се обрати на расправата на тема: „Парламентарно следење на Целите за одржлив развој (ЦОР)“. Тој информираше дека Собранието на Република Северна Македонија го следи статусот на имплементацијата на Целите за одржлив развој и Агендата 2030 преку своите претставници и учеството во работата на „Националниот совет за одржлив развој“. Велковски посочи дека во ова советодавно тело, со кое претседава заменик претседател на Владата, покрај двајца пратеници, членуваат и повеќе ресорни министри, како и претставници на Стопанска комора на Македонија, на универзитетите, на  Академија на науките и уметностите и на невладиниот сектор.

Велковски, кој е член на „Националниот совет за одржлив развој“, нагласи дека со ЦОР сакаме да постигнеме напредок во евроатланските интегративни процеси, обезбедување на одржлив развој кој ќе овозможи континуиран економски раст, отворање нови работни места и зголемување на благосостојбата на граѓаните. Истовремено, тој изрази уверување дека со спроведувањето на економските мерки, имплементирање на реформите на планот на доброто управување, владеењето на правото, пристапот до правда за сите, заштита на човековите права и слободи, изградба на независни институции во служба на граѓаните, преку зголемување на транспарентноста, отчетноста и професионалноста во нивното управување ќе се постигнат саканите резултати од имплементирање на Целите за одржлив развој.

Како член на Националниот совет за одржлив развој, Диме Велковски ќе се стреми Република Северна Македонија да изготви „Доброволен национален преглед“ за прогресот во примената на ЦОР на Политичкиот форум на високо ниво  во 2020 година, со оглед на тоа дека доброволните национални прегледи меѓу другото се и прашање на меѓународен престиж на земјата. Интерпарламе¬н¬тарната унија е светска организација на парламентите, во која членуваат 178 национални парламенти и 12 меѓународни парла¬мен¬¬¬тарни собранија. Основана во 1889 година, ИПУ е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација. Унијата работи на зачувување на мирот и промовирање позитивни демократски промени преку политички дијалог и конкретни активности. Светската организација на парламентите има седиште во Женева и тесно соработува со Организацијата на Обединетите нации и другите партнерски организации, чии цели ги споделува.

Click