Активности

Вторник, 2 април 2019 година

Апел до членките на ЕУ да ги валоризираат постигнувањата на земјава

Во рамките на дводневната конференција на тема: „Иднината на ЕУ”, што се одржува во Букурешт на 1-2 април, учествува и делегација на Собранието на Република Северна  Македонија, во состав: Бети Рабаџиевска-Наумовска и Сашо Василевски. 

На Конференцијата, на која присуствуваа пратеници од националните парламенти на земјите ЕУ членки и кандидати за членство, имаше богата и конструктивна расправа во врска со  економската, политичката, одбранбената и социјалната политика на ЕУ и Брегзитот, а со цел за креирање на подобри политики по мајските избори за Европскиот парламент. Во тој контекст, беа искажани повеќе мислења и предлози во насока на зајакнување на улогата на ЕУ како глобален играч на светската сцена. Притоа, беа разменети ставови во врска со потребата од реформи во економијата, од аспект на новите технологии и нивната примена и развој со цел Унијата да не заостанува зад другите држави. 

Во рамките на последната сесија посветена на европското добрососедство, Балканот, источното партнерство и евроатлантските релации, пратеникот Сашо Василевски имаше излагање во кое ги наведе ЕУ реформите кои нашата држава ги направи минатата и оваа година, со посебен акцент на решавањето на нашиот долгогодишен проблем со соседна Грција и уставните измени за промена на името на државата во Република Северна Македонија. Нашиот начин за решавање на билатералните прашања, особено со непосредните соседи, треба да претставува позитивен пример за решавање на меѓудржавните спорови во регионот, истакна Василевски. 

Исто така, информира и за донесените закони од областа на правосудството, разузнавачкиот сектор, како и за законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Своето излагање го заврши со упатување порака до земјите членки на ЕУ да ги валоризираат овие наши постигнувања и да донесат позитивна одлука за датум за преговори во јуни на Советот на ЕУ во Букурешт. 

На маргините на Конференцијата, Рабаџиевска-Наумовска и Василевски имаа средба со  Пет Сисонс, поранешен републикански конгресмен, како и со пратеници од Белгија, Романија, Ирска, Грција, Бугарија и Хрватска, на кои лобираа за поддршка за почеток на преговори во јуни. 

Конференцијјата заврши со изгласување на Заедничка декларација за иднината на ЕУ. 

Click