Активности

Четврток, 20 јуни 2019 година

Билатералната соработка дава добри резултати

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија која ја предводи претседателот Талат Џафери а во чиј состав е потпретседателот Горан Мисовски и координаторите на политичките партии, Јован Митрески од СДСМ, Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Ејуп Алими од ДУИ, како и претседателката на Пратеничката група за соработка со Секинескиот народен конгрес, Владанка Авировиќ и генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, остварија средба со претседателот на Националниот комитет на политичката консултативна конференција Ванг Јанг, на чија покана и се остварува официјалната посета на Народна Република Кина.

Националниот комитет на политичката консултативна конференција е политичко советодавно тело составено од делегати од голем број политички партии и организации, како и независни членови и на неговите состаноци се донесуваат важни политички одлуки на национално ниво.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија г. Талат Џафери, на својот домаќин му изрази благодарност во име на членовите на делегацијата за поканата и за реализацијата на официјалната посета. Истакнувајќи дека Република Северна Македонија континуирано го афирмира ставот за постоење на “една Кина”, тој истакна дека од наша страна високо се цени и поддршката од Народна Република Кина на меѓународен план. Покрај потврда за добрите билатерални односи, посетата според Џафери овозможи посета на Шангај и одблиску запознавање со неговиот развој во светски финансиски центар и еден од моторите на кинеската економија, а при разговорот, како и со сите други државни претставници претходно, се фокусираа на сите аспекти на билатералните односи и можностите за унапредување на соработката во сите полиња од заеднички интерес. Иако во последните години трговската размена бележи тренд на постојан пораст, претседателот Џафери нагласи дека постои интерес во иднина кинеските инвестиции да се динамизираат и зголемат. Како области во кои кинеските компании би можеле да го најдат својот интерес беа посочени мрежата на слободни трговски зони и инфрастуктурните објекти долж коридорот 8. 

Претседателот Ванг, оценувајќи дека меѓусебната соработка се развива во насока која дава добри резултати, нагласи дека оваа посета на највисоко ниво во последните неколку години придонесува за понатамошно унапредување на билатералните односи. Тој истакна дека Народна Република Кина го цени пријателството со Република Северна Македонија и ја поддржува во исполнувањето на зацртаните стратешки определби, а во таа насока и подготвеноста за решавањето на спорот за името  со цел надминување на пречките за евроатланската интеграција. Претседателот Ванг изрази надеж дека ќе продолжат активностите во рамките на процесот на соработка 17 + 1 на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа и го поздрави одржувањето на „Четвртиот форум за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина" од 19-ти до 21-ви ноември оваа година во Скопје.  Зборувајќи за важноста и  значењето на директните контакти меѓу граѓаните на двете држави истакна дека има простор и за интензивирање на туристичката размена која би придонела за меѓусебно запознавање со богатите културни традиции на двете далечни но пријателски држави.

Понатаму, г Ванг даде краток осврт на работата на Националниот комитет на политичката консултативна конференција и истакна дека институцијата посветува големо внимание на унапредување на билатералната соработка со Република Северна Македонија а за посетата на претседателот Џафери подвлече дека таа дава силен импулс на меѓусебните односи. Со цел одржување на редовни контакти на високо ниво, од наша страна му беше упатена покана за возвратна посета на Република Северна Македонија во претстојниот период. 

 Инсерти од средбата

Click