Активности

Вторник, 17 октомври 2017 година 

Билатерални средби на претседателот Џафери 

На  маргините на 137. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 14 до 18 октомври 2017 година во Санкт Петербург, Руска Федерација, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари билатерална средба со г. Ернесто Кордеро Аројо, претседател на Сенатот на Мексико и сенаторката г-ѓа Габриела Куевас Барон, кандидат за претседател на Интерпарламентарната унија.

Двајцата соговорници изразија задоволство од остварување на оваа прва официјална средба помеѓу претседатели на двата парламенти и од можноста за размена на мислења за продлабочување на соработката меѓу двете земји.

Претседателот Џафери констатираше дека и покрај големата географска оддалеченост, постои можност за зацврстување на меѓупарламентарната соработка на мултилатерално ниво во рамките на Интерпарламентарната унија, како и на билатерално ниво. Тој информираше дека во Собранието на Република Македонија веќе е формирана Пратеничка група за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и Карибите. Истовремено, претседателот нагласи дека Делегацијата на Собранието на Република Македонија ќе ја поддржи кандидатурата на сенаторката Куевас Барон за претседател на ИПУ, со оглед на нејзината импресивна биографија и богатото меѓународно искуство, како во рамките на Интерпарламентарната унија, така и во другите меѓупарламентарни собранија.

Претседателот на Собранието, г.Талат Џафери подвлече дека укинувањето на визниот режим за влез на граѓаните на Република Македонија во Мексико би било од особено значење за продлабочувањето на односите меѓу двете земји, со оглед на тоа што Македонија ги укина визите за мексиканските граѓани. Назначувањето на почесен конзул на Мексико во Република Македонија, дополнително би ја олеснило комуникацијата меѓу двете земји.

Претседателот на Сенатот на Мексико, г. Ернесто Кордеро Аројо, истакна дека за Мексико е од голема важност г-ѓа Габриела Куевас Барон да биде избрана за претседател на Интерпарламентарната унија, и нагласи дека сенаторката ја има поддршката на двата дома на Конгресот и на Владата на Мексико. Тој се согласи дека билатералните односи и соработката меѓу Република Македонија и Мексико бележат позитивен развој но и дека има доволно простор за нивно натамошно продлабочување. Г. Аројо упати покана до претседателот на Собранието на Република Македонија да дојде во официјална посета на Мексико.

Сенаторката Габриела Куевас Барон нагласи дека како претседател на Комисијата за надворешни односи во Мексиканскиот сенат ќе се заложи за интензивирање на соработката меѓу двата парламенти и за укинување на визите за влез во Мексико за граѓаните на Република Македонија. Таа  се заблагодари за искажаната поддршка за нејзината кандидатура.

На крајот на средбата, претседателите на парламентите се согласија дека со промовирање на парламентарната дипломатија, ќе се отвори можност за продлабочување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Мексико, како на парламентарен план, така и во сите области.

Click