Активности

Сабота, 6 април 2019 година, Доха, Катар

Дебата за родова еднаквост на работа во рамките на 140. Собрание на ИПУ

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија учествува на 140. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 6 до 10 април 2019 година во Доха, Катар. Делегацијата ја сочинуваат: Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија и шеф на Делегацијата, Диме Велковски, Димитар Стевананџија, Ејуп Алими, Африм Гаши и Јулиана Николова, членови на Делегацијата и Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието на Република Северна Македонија. 

На 140. Собрание на ИПУ учествуваат околу 1.600 претставници од над 160 земји членки на Унијата, како и повеќе од 80 претседатели на парламенти. Во фокусот на дебатата се: подобрување на образованието за мир, безбедност и владеење на правото; недопустливоста за користење на платеници како средство за поткопување на мирот и кршење на човековите права; улогата на правичната и слободна трговија и инвестициите во реализацијата на Целите за одржлив развој (ЦОР); постигнување на  универзално здравствено покривање до 2030 година; парламетарно следење на ЦОР и сл.

Во рамките на 140. Собрание, денеска се одржа седница на „Форумот на жени парламентарки“, на која, меѓу другото, се одржа и дебата на тема: „Еднаквост на работа“, која имаше за цел споделување на искуства за добрите практики, стратегии, политики, законодавство и мерки за постигнување на родова еднаквост на работа.

Во дебатата учествуваше пратеничката Јулиана Николова, која нагласи дека во Република Северна Македонија, еднаквите можности на жените и мажите се загарантирани со Уставот, но воедно и голем број на закони забрануваат дискриминација врз основа на пол и содржат одредби со кои се инкорпорира родовиот концепт. Таа се осврна на одредбите од „Законот за еднакви можности на жените и мажите“, во кој е уредена забраната од дискриминација, вознемирување и сексуално вознемирување врз основа на пол во јавниот и приватниот сектор, во областите на вработувањето и трудот, членувањето и дејствувањето во синдикални организации, политички партии, здруженија и фондации.

Во контекст на економското јакнење на жените и намалување на сиромаштијата и високата стапка на невработеност на женската популација, во „Законот за работни односи“, воведен е принципот на забрана за дискриминација при вработување, забрана за директна и индирекна дискриминација на работното место, вознемирување и сексуално вознемирување, а се гарантираат исти услови за професионално усовршување и унапредување, како и иста плата за иста работа. Со Изборниот законик се предвидени посебни мерки за застапеност на обата пола на кандидатските листи за пратеници и советници во локалната самоуправа со квота од 40%.

Споделувајќи позитивни практики, пратеничката Николова се осврна на „Стратегија за развој на женското претприемништво 2019-2019“ и на измените на „Национална програма за развој на земјоделството и рурален развој 2018-2022“ во однос поддршката за активен женски член во земјоделското домаќинство. Таа нагласи дека Република Северна Македонија има воспоставено национална машинерија за еднакви можности на жените и мажите на централно и локално ниво, во која значајна улога имаат и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички во Собранието на Република Северна Македонија, кои преставуваат механизми за имплементација на родовата перспектива во највисокиот претставнички орган за креирање на политики и донесување одлуки.

Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите, во која членуваат 178 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. Основана во 1889 година, ИПУ е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација. Унијата работи на зачувување на мирот и промовирање позитивни демократски промени преку политички дијалог и конкретни активности. Светската организација на парламентите има седиште во Женева и тесно соработува со Организацијата на Обединетите нации и другите партнерски организации, чии цели ги споделува.

Click